Трагична ноќ на скопската обиколница: Четири лица загинаа во сообраќајка

Фото: Алсат

Четири лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа што синоќа, околу половина час пред полноќ, се случила на скопската обиколница во близина на Радишани. Според првичните информации, патничко возило „бмв“ директно се судрило со камион, по што автомобилот се запалил и целосно изгорел.

Поради несреќата, сообраќајот на патниот правец Велес – Тетово бил пренасочен од клучката Мирковци до клучката Приштина. Обиколницата била затворена речиси шест часа, а нормализирање на сообраќајот е регистрирано утринава околу 05:30 часот.

На местото на несреќата интервенирале полицијата, противпожарната служба и Итната медицинска помош, а истражните органи во текот на ноќта извршиле увид. Засега нема официјална потврда од Министерството за внатрешни работи за идентитетот на жртвите.

Според неофицијалните информации објавени во дел од медиумите, се испитува можноста камионот со косовски регистарски таблички да преминал во спротивната сообраќајна лента. Сè уште не е официјално потврдено дали причината била замор, губење свест или друг фактор.

Засега не е познато дали загинатите лица биле членови на исто семејство или група патници. На местото на несреќата пристигнал и надлежниот јавен обвинител, кој, покрај увидот во околностите на случајот, треба да ги разгледа и трагите од сопирање и ударот што останале на асфалтот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e