Бабовски: Влашкиот народ никогаш не бил само нем посматрач на историјата, туку активен градител на цивилизациските вредности

Денес, со гордост и длабока почит го одбележуваме 23-ти Мај – Националниот ден на Власите. Овој историски датум, кој не враќа во далечната 1905 година и султанскиот указ (Ираде) за признавање на влашкиот идентитет, е симбол на нашата вековна борба за зачувување на својот јазик, култура и посебност.

Влашкиот народ на овие простори, но и во поширокиот европски контекст, никогаш не бил само нем посматрач на историјата, туку активен градител на цивилизациските вредности. Како автентичен, космополитски народ, низ вековите дадовме неповторлив придонес во економијата, занаетчиството, дипломатијата и културата. Нашата традиција е длабоко вткаена во темелите на оваа држава, за чиј напредок и слобода секогаш сме несебично соделувале.

Но, Власите не се само минато – тие се сегашност и иднина. Денес, како лојални граѓани, ние сме целосно интегрирани во модерните општествени и европски текови. Преку нашите успешни бизнисмени, интелектуалци, уметници и млади луѓе, продолжуваме да бидеме мост на поврзување, промотори на соживот и важен двигател на демократските процеси.

Како претседател на Демократскиот Сојуз на Власите, порачувам дека нашиот фокус останува врз зачувувањето на уникатниот влашки јазик како европско културно богатство и унапредување на нашите права во едно модерно и праведно општество.

Во име на Демократскиот Сојуз на Власите и во свое лично име, им го честитам 23-ти Мај на сите припадници на влашката заедница.

Нека е честит и вековит Националниот ден на Власите! – стои во четитката на претседателот на Демократскиот сојуз на Власите, Никола Бабовски, по повод Националниот ден на Власите 23-ти Мај.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e