Македонската музичка сцена и Националната опера и балет останаа без еден од своите најпрепознатливи уметници, откако баритонот и првенец на НОБ, Ристе Велков, трагично го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што синоќа се случи на скопската обиколница.
Информацијата за САКАМДАКАЖАМ, ја потврдиле од Националната опера и балет.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила околу 23 часот на делницата меѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци. 76-годишниот Б.Б. од Косово, управувајќи товарно возило „МАН“ со полуприколка, изгубил контрола, ја пробил металната ограда и навлегол во спротивната лента, каде директно се судрил со автомобил „БМВ“ со скопски таблички, управуван од Р.В. (51) од Скопје.
Од силниот удар избувнал пожар во двете возила, при што автомобилот и кабината на камионот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипи на скопската противпожарна бригада.
На местото на несреќата животот го загубиле возачот Р.В., сопатниците А.В. (20) и П.М. (20) од Скопје, како и уште едно лице чиј идентитет сè уште не е утврден. По наредба на јавен обвинител, телата се предадени на обдукција.
