За 1.600 евра радовишанец купил 15-годишно девојче од нејзин малолетен роднина со намера да ја ожени

Против радовишанец е поднесен обвинителен акт за кривично дело „трговија со дете“, бидејќи купил 15-годишно девојче за сума од 1.600 евра, со намера да ја ожени. Да биде бизарноста поголема, девојчето било продадено од нејзин роднина, кој нема ниту 18 година.

Против купецот беше одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека против роднината беа одредени мерки за претпазливост од страна на судија за малолетници. Според обвинителството во врска со малолетникот до Советот за деца при Основниот кривичен суд Скопје е поднесен предлог за примена на санкција спрема деца во судир со законот над 16 години за истото кривично дело.

Настанот се случил во Радовиш во април годинава. Радовишанецот кој го купил девојчето, велат од Обвинителство, знаел за нејзината возраст.

„Малолетникот ја подвел својата петнаесетгодишна роднина на претходно договорен присилен брак, со измама ја земал и ја однел на договореното место. Осомничениот ја исплатил побараната сума и употребувајќи физичка сила, психолошко насилство и обид за обљуба го повел со себе девојчето кое пружало отпор. Жртвата искористила прилика и во погоден момент избегала и се јавила на своите родители“, информираа од Обвинителство.

Заедно со обвинението, надлежниот јавен обвинител до судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за радовишанецот.

Извор: Фокус

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e