Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство – Струмица, поднесе кривична пријава и го лиши од слобода З.Б (52) од Струмица, поради постоење на основано соменение дека сторил кривично дело – “неовластено производство и пуштење во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, предвидено во член 215 од КЗ на Република Македонија.
На 30-ти октомври 2016 година од страна на гранична полиција во реонот на граничен камен 12, поточно кај местото викано “Војничка чешма“ пронајдена е опојна дрога марихуна во количина од околу 21 килограм.
Од страна на СВР-Струмица превеземни се мерки и активности во насока на утврдување и идентификување на сторителот кој критичната вечер имал намера опојната дрога да ја криумчари, како и на идентификување на организаторите на овој кривично правен настан.
Од превземените мерки и активности од страна на СВР-Струмица обезбедени се материјални докази за инволвираноста на пријавениот во кривично-правниот настан. Исто така, вчера (21.11.) по претходно добиена наредба од страна на судија на претходна постапка при Основен суд Струмица, извршен е претрес на дом и други простории каде што живее пријавениот. При претресот се пронајдени бела прашкаста материја со маса од околу 19 грама и марихуана со маса од околу 25 грама (кои се дадени на дополнително вештачење); како и 16.200 денари, 4.055 евра, 120 швајцарски франци, 65 турски лири, 1000 унгарски форинти и 20 полски злоти; мобилни телефони и дигитална вага.