Општина Центар и Агенцијата за вработување го започнуваат проектот „Субвенционирање на плати за нововработени лица“

Општина Центар ги повикува  заинтересираните работодавачи  на микро, мали и средни фирми, социјални претпријатија и граѓански (непрофитни) организации кои се бават со економска активност при вршење на својата дејност, а кои имаат потреба за  нови вработување на соодветни лица, да присуствуваат на информативна презентација  на  која вработени  од  Агенција ќе ги презентираат новитетите  што ги нудат со новата мерка.

Презентацијата ке се одржи  идниот вторник со почеток во 12:00 во општина Центар( во салата  на Совет во барака 6 ).

Настанот ќе го отвори градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ, кој ќе говори за значењето  на спроведување на ваков проект.

Во  проектот имаат право да учествуваат работодавачи кај кои:

– вкупниот број на работници на денот на аплицирање и пред реализацијата на поддршката не е понизок од просечниот број на вработени лица на неопределено време во претходната календарска година;

– ги имаат подмирено сите обврски по основ на исплатени плати и придонеси од задолжително социјално осигурување;

–  немаат финансиска загуба во претходната година;

– работодавачот треба да има  најмалку едно вработено лице на неопределно време во континуитет, најмалку 6 месеци пред аплицирањето, со исклучок на граѓанските организации кои во моментот на аплицирање немаат вработено лице;

Бројот на лица кои работодавачот може да ги вработи преку програмата Субвенционирање на плати, не може да биде поголем од 50% од просечниот број на вработени лица во претходната календарска година. Работодавач кој има вработено едно вработено лице и кај граѓанските организации кои немаат ниту едно вработено лице, максималниот број на поддржани вработувања изнесува едно лице.

Работодавачот  ќе биде финансиски поддржан од Агенцијата за вработување на Република Македонија во износ од 19.000,00 денари месечно по вработено лице  за период од 3 , 6 или 12 месеци, од кои 18.000,00 денари како субвенција на платата на вработеното лице и 1.000,00 денари за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес.

Работодавачот кој вработува невработено лице е должен да го задржи лицето во работен однос по завршување на периодот на субвенционирање во период од:

6 дополнителни месеци ако користи 3 месеци субвенционирање (вкупен период на вработување 9 месеци);
12 дополнителни месеци ако користи 6 месеци субвенционирање (вкупен период на вработување 18 месеци);
18 дополнителни месеци ако вкупниот период на субвенционирање изнесува 12 месеци (вкупен период на вработување 30 месеци).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e