(ВИДЕО) Шериф К. е осомничениот за терористичкиот напад во Стразбур

Француската полиција е во потера по осомничениот терорист што отвори оган и уби три лица, а рани 12-мина на божикниот пазар во Стразбур. Во тек се рации во кои се уапсени пет луѓе. Напаѓачот е во бегство и властите стравуваат дека можеби побегнал во соседна Германија.

Од француското МНР соопштија дека станува збор за Шериф К, кого го бараат за „убиства и обид за убиство“ во врска со терористички чин и „злосторничко терористичко здружување“. Француската влада го подигна нивото на безбедност на „вонредно во случај на напад“. Околу 350 жандарми со хеликоптери трагаат по осомничениот.

Шериф К по потекло е од Стразбур, има 29 години и им е познат на силите на редот како одамна радикализиран. Два пати лежел во затвор поради кражби и други кривични прекршоци во Франција и во Германија, од кои во 2011 строг затвор од шест месеци.

Вчера изутрината жандармите дошле да го уапсат дома во рамките на истрага за кражба изведена летоска. Не го нашле, но при претресот на станот откриле експлозивен материјал. Осомничениот вчера околу 8 часот отвори оган врз минувачи на божикниот пазар, а и самиот бил ранет кога војници почнале да пукаат кон него, но тој не пукал кон нив.

Локалните медиуми јавуваат дека по масакрот украл такси и побегнал без да го повреди таксистот.

Училиштата во Стразбур денеска се отворени, и европскиот парламент функционира нормално, но Божикниот пазар нема да работи, а знамињата се спуштени на половина копје. Божикниот пазар во Стразбур е најголем во Франција, а во 2000 веќе беше цел на планиран терористички напад, кога „Франкфуртската група“ поврзана со Ал Каеда планираше да детонира експлозив.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e