Трагичната сообраќајна несреќа што ноќеска се случи на патот Охрид-Кичево го однесе животот на 33-годишниот Антонио Савески, тренер во младинската школа на кошаркарскиот клуб Ангели.
Савески потекнува од Охрид, каде што ги направил првите чекори во кошарката и ја започнал својата тренерска кариера, објави 4news.mk Во текот на своето работење бил посветен на развојот на младите кошаркарски таленти, а дел од своето искуство го пренесувал и во школата на Водно Партизан.
Покрај кошарката и тренерската работа, Савески бил познат и како голем љубител и колекционер на спортска опрема. Во неговата колекција имало околу 500 кошаркарски дресови.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила откако автомобилот со кој управувал Савески удрил во кучиња скитници, а потоа во металните заштитни браници покрај патот. По ударот, возилото се запалило.
Телото на возачот било пронајдено во автомобилот. По наредба на јавен обвинител, телото е предадено на Институтот за судска медицина за обдукција и идентификација.
Случајот го истражуваат надлежните институции, а увидот на местото на несреќата го извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Охрид.
