Трамп ја откажа средбата со Путин поради тензиите меѓу Русија и Украина

Иако претходно денес Кремљ јави дека во Аргентина на самитот на 20-те најголеми сили ќе се сретнат Доналд Трамп и Владимир Путин, американскиот претседател денес преку Твитер објави дека средбата сепак нема да се случи и тоа поради најновите тензии меѓу Украина и Русија.

Неделава се случи инцидент во Азовското Море меѓу Русија и Украина, при што руски бродови пукаа во украинските, а потоа и ги запленија. Украинските морнари од неделата се заробеници.

„Имајќи предвид дека бродовите и морнарите сѐ уште не се вратени од Украина во Русија, решив дека ќе биде најдобро за сите да ја откажам планираната средба во Аргентина со претседателот Владимир Путин. Очекувам значајна средба штом оваа ситуација ќе се разреши“, објави Трамп на социјалната мрежа.

Двајцата лидери последен пат се сретнаа во Хелсинки во јуни годинава, а по средбата имаше бројни критики на сметка на Трамп од Вашингтон. Трамп тогаш изјави дека го прашал Путин дали Русија се мешала во претседателските избори во САД во 2016 година. Кажа дека Путин му одговорил дека мешање немало и дека тој му верува.

Гардијан пишува дека на самитот Г20 во Аргентина Путин планира да се сретне со саудискиот принц престолонаследник Мохамед бин Салман, кој веќе пристигна во Буенос Аирес.

Дека е спремен да се сретне со саудискиот принц соопшти и американскиот претседател Трамп, но неговиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, порача дека нема планови за таква средба.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e