Според професорот што ги предвиде Брексит и победата на Трамп, ЕУ ќе се распадне годинава

Професорот по политичка економија на Универзитетот „Браун“, Марк Блајт, во интервју за „Би-би-си“ изјави дека Европска Унија ќе се распадне до крајот на годинава.

Професорот Блајт, кој ги предвиде Брексит, победата на Доналд Трамп и резултатот од италијанскиот референдум, сега тврди дека ЕУ ќе се распадне дури, можеби, и пред Велика Британија да ја почне расправата за членот 50 од Лисабонскиот договор, со што формално се почнува процесот за излегување од Унијата.

Тој тврди дека за Франција би можела да има кобни последици политиката за спречување на изборот на Марин Ле Пен за претседател, која има голема поддршка кај избирачкото тело.

– Во Франција сè поблиску се изборите, на кои многу е веројатно Националниот фронт да победи во првиот круг. Тогаш сите во Франција ќе организираат голема коалиција која ќе се обиде да го спречи изборот на Ле Пен. Тоа би значело дека гласачите на левицата во Франција ќе имаат можност да изберат некој што во Франција, по осум години стагнација, ќе сака да доведе економска политика како таа на Маргарет Тачер, а тоа ќе биде многу тешко – вели Блајт за „Би-би-си“.

Сепак, Блајт не е осамен во предвидувањата за Франција. Со него, на некој начин, се согласува и Најџел Фараж, кој неколкупати нагласи дека е можен колапс на ЕУ ако победи Ле Пен.

– Ако таа победи, тоа ќе биде крај на проектот Европска Унија – рече Фараж и потоа ја критикуваше Ангела Меркел и нејзината политика за поддршка на шенгенската зона.

– Го видовме страшниот напад во Берлин на божиќниот панаѓур. Лицето што го изврши нападот отслужило затворска казна во Италија и преку политиката за слободно движење во Европската Унија, стигна и до Германија. Тој се пријавил за азил и кога бил одбиен, не бил исфрлен од државата. Дури и кога беше најбарана личност во Европа, слободно ја преминал границата со Франција и стигнал во Италија, каде бил фатен во Милано – рече Фараж.

Тој верува дека „јавноста е бесна затоа што слободното движење низ Европската Унија не значи слободно движење само за добри луѓе, туку претставува слободно движење за „калашникови“, експлозиви и многу други лоши работи“.

Извор: Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e