Ројтерс: Јаху ги шпионирала корисниците за американските тајни служби

Интернет провајдерот Јаху (Yahoo), тајно изработил софтвер кој ги пребарува сите пристигнати мејлови на нивните корисници, за посебни информации, по барање на американските разузнувачки служби, ексклузивно објави Ројтерс.

Компанијата се согласила на класифицираното барање од американските власти, скенирајќи стотици милиони мејлови од Јаху профили по наредба на Националната агенција за безбедност или ФБИ, рекле за Ројтерс три поранешни вработени во Јаху и уште една личност запознаена со активностите.

Експертите за следење на комуникациите сметаат дека ова е прв објавен случај кога американска интернет компанија се сложила на барањата на агенциите за разузнавање за пребарување на сите пристигнати мејлови, за разлика од анализирање на зачувани пораки или скенирање мала бројка на профили во реално време.

Ројтерс пишува и дека не е познато што сакале да најдат разузнувачките служби, единствена информација која ја имаат е дека тие барале од Јаху да пребарува сет на карактери. Тоа може да значи фраза во мејлот или атачментот, изјавиле изворите кои не сакале да бидат идентификувани.

Новинската агенција не можела да утврди дали и какви податоци Јаху предала и дали разузнувачките службеници побарале слични услуги и од други мејл провајдери.

„Компанијата ги почитува законите на САД“, одговориле кратко од Јаху, одбивајќи да коментираат нешто дополнително.

Овие обвинувања доаѓаат само неколку дена откако еден од најпопуларните светски мејл провајдери соопшти дека хакери украле податоци за голем број нивни корисници.

Свиркачот Едварт Сноуден, кој е обвинет во САД за објавувањето тајни документи за масовно следење на комуникациите од американските тајни служби, на својот Твитер профил напиша: „Користите Јаху? Тие тајно скенирале сè што некогаш сте напишале, далеку повеќе од тоа што законот го бара. Избришете го вашиот Јаху профил уште денес“.

untitled

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e