Приказната за Аманда Нокс – Убиството кое ја потресе целата планета

Аманда Нокс е Американка која помина речиси четири години во италијански затвор после обвинението дека во 2007 година во Перуџа ја убила својата цимерка Мередит Керчер.

Аманда во таа 2007-ма година имала 20 години, денес има 29 години и во меѓувреме поминала низ вистински пекол.

Аманда во ноќта на убиството била кај нејзиното момче Рафаеле Солечито. Убиената Мередит Карчер била пронајдена во спалната соба со 17 модринки и седум посекотини.


Медиумите во Италија ја претставуваа Аманда во исклучително лошо светло, и тоа пред судењето воопшто да започне. На иницијалното судење таа била прогласена за виновна и осудена на 26 години затворска казна, што предизвика меѓународни контроверзи. Американските форензичари ги прегледале доказите и дошле до заклучок дека Аманда не можела да биде вмешана во убиството.

Поради погрешната пресуда, таа одлежила речиси четири години во затворот и нејзиниот живот бил претворен во пекол. Сега се појави документарен филм во кој оваа млада жена открива што сè ѝ се случувало.


Чудниот момент во кој инспекторите поверувале дека Нокс ја убила цимерката

Оружјето со кое било извршено убиството тогаш сè уште не било пронајдено. Во станот на момчето на Аманда полицијата ѝ рекла да ги прегледа неговите ножеви, во случај некој од нив да одговара на оној со кој била убиена Мередит. Аманда почнала да паничи и се удирала по ушите. Италијанскиот обвинител Џулијано Мињини присуствувал на таа сцена и мислел дека на Аманда ѝ се враќаат сцени од убиството. Тогаш се посомневал дека таа ја убила Мередит, иако не постоел никаков доказ за тоа.

Полицијата ѝ рекла на Аманда дека има ХИВ, иако тоа било лага

Аманда веќе била во притвор, целосно скршена, кога полицијата од неа побарала список на луѓето со кои имала секс. Тие се надевале дека тоа ќе ги одведе до повеќе сведоци или осомничени. Тогаш развивале теорија дека повеќе луѓе биле вмешани во убиството.


Медиумите ја линчувале

Не само што го следеле секој ден од судењето, туку имало и многу сензационалистички и невистинити наводи. Веројатно најлошата работа ја направил новинарот на Дејли Мејл – Ник Пизо, кој во споменатиот документарец признал дека никој не ги проверувал фактите во своите приказни пред објавувањето поради ексклузивноста.

Аманда и Рафаеле се познавале пет дена пред убиството

Можете ли да замислите да запознаете и да започнете врска со некого, да бидете заедно пет дена, а потоа заедно да ве обвинат за убиство и таа агонија да трае осум години? Рафаеле Солечито бил долго време во затвор, а дури шест месеци поминал во самица. И после сè, сè уште му се допаѓала Аманда.


Обвинителот имал романтични идеали кои пречеле во истрагата

Мињини бил обожувател на детективските приказни, а особено го сакал Шерлок Холмс. Во согласност на тоа, сакал да носи заклучоци за доказите. На пример, верувал дека бидејќи телото на жртвата било покриено со ќебе, убиецот бил жена. Тој мислел дека само жена би се сетила да го покрие телото.

Тоа објаснува зошто раскажувал големи приказни за убиството. Зборувал за убиство од страст и ја опишал Аманда како заводничка која го убедила момчето со кое била пет дена да ја убие нејзината цимерка. Исто така, Мињини бил посветен католик и често нагласено проповедал за доброто и злото, вината и божјиот суд. Овој човек и понатаму верува дека Аманда и Солечито го извршиле убиството.

„Ако се невини, се надевам дека се способни да го заборават страдањето кое го предизвикале. Ако се виновни и ако земската правда не им можеше ништо, се надевам дека ќе имаат грижа на совеста бидејќи знам дека животот завршува со конечен суд – суд без жалба, други шанси и ревизија“, рекол тој.

За поврзани вести продолжете надолу

Ознаки:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e