Павлопулос од Костур ѝ порача на Македонија да не ја имитира грчката историја

Нова порака за македонските власти да престанат да ја фалсификуваат грчката историја упати претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, од Костур. Павлопулос во говорот по повод годишнината од ослободувањето на градот, директно се обрати до македонските власти и апелираше да стават крај на обидот за фалсификување и за имитирање на грчката историја, бидејќи таа насока во која ја водат државата е негативна за меѓународната слика и за европската перспектива на Македонија.

Во веќе познат стил, Павлопулос посочи дека македонските власти мора да го почитуваат европското и меѓународното право ако сакаат да има напредок во државата и ако сакаат Грција да продолжи да ја поддржува Македонија за членство во меѓународните институции.

– Ние сме пријатели и соседи, ја поддржуваме нивната европска перспектива, но под неприкосновениот услов за почитување на историјата, меѓународното и европското право. Ако тоа се случи, ќе бидеме тука. Ако не се случи, ќе бидеме против нив – посочи Павлопулос.

Според Павлопулос, Грција е подготвена да ги подобри билатералните врски со Македонија, но во исто време е подготвена и да го штити тоа што историски ѝ припаѓа. Тој забележа дека Грција не планира ниту да отстапи дел од својата историја, ниту пак името Македонија, за која повтори уште еднаш дека е само една и грчка.

– Не планираме да отстапиме апсолутно ништо од тоа што ни припаѓа, колку и да им личи на некои дека е само едно име. За нас Грците и имињата се од огромна важност, бидејќи најлошото што може да му се случи на еден народ е полека да го заборави својот идентитет – додаде Павлопулос.

Извор: Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e