Јункер: Бугарија подготвена за влез во евро и Шенген зоната

Бугарија е подготвена да воведе евро и подготвена да влезе во Шенген зоната, тврди претседателот на Европската комисија (ЕК) Жан-Клод Јункер.

По средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов Јункер најави исто така дека на пролет ќе дојде во посета на балканските земји, кандидати за проширување и со тоа ќе и помогне на Бугарија за која оваа политика ќе биде приоритет за време на бугарското претседателство со ЕУ од 1 јануари 2018 година.

“Сосема отворено ќе ви кажам – Бугарија е подготвена” за влез во евро-зоната, рече Јункер и додаде:

“Воодушевен сум од перформансите на Бугарија. Бугарскиот буџет е врамнотежен; Бугарија има низок јавен долг во споредба со другите земји. Јавниот долг изнесува 29 отсто што е одлично. Имаме земји членки на евро-зоната кои имаат долг што надминува 60 отсто”, изјави Јункер додавајќи дека тоа нема да се случи “утре во 11 часот” но дека кандидатурата на Бугарија за евро-зоната ќе ја има целосната поддршка на ЕК.

Истиот став Јункер го има и за влезот на Бугарија во Шенген зоната:

“Извештајот за Бугарија ќе биде позитивен. Уште кога ја презедов оваа функција реков дека го поддржувам влезот на Бугарија, и Романија, во Шенген зоната. Тоа ќе биде сторено. Комисијата е многу јасна по тоа прашање. И тоа го реков и во Европскиот парламент: природното место на Бугарија е во Шенген зоната”.

Јункер и Борисов разговарале и за “комплицираниот регион во кој Бугарија игра централна улога”, вели Јункер:

“И овде сакам да го споделам моето убедување дека треба да ги држиме портите отворени за европската перспектива на балканските земји. Повеќе пати сум рекол дека не е возможно новите земји да се зачленат во ЕУ до 2019 година. Но би сакал европската перспектива да биде тука, не како покана, туку како неопходност за континентот”, вели Јункер најавувајќи посета на балканските кандидати за членство на пролет 2018 година. Истовремено тој најави дека на 17 мај во Софија ќе се одржи самит на ЕУ со балканските земји.

Бугарското претседавање со ЕУ за Македонија најверојатно ќе донесе чиста препорака за почеток на преговори за членство, каква што имавме пред да ни бидат додадени услови пред две години. Дотогаш ЕУ од Македонија очекува пред се реформа на заробеното судство.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e