Во своето прво појавување во јавноста по големиот пораз на претседателските избори во САД од Доналд Трамп, претседателската кандидатка на демократите, Хилари Клинтон, не ја скри својата разочараност. Во говорот што го одржа во Вашингтон, таа рече дека по објавувањето на резултатите не сакала „никогаш повеќе да го напушти својот дом“.

– Ќе признаам дека доаѓањето тука не беше лесна работа. Имаше неколку моменти минатата недела кога сè што сакав да направам е да се склопчам со добра книга и да не излезам од дома. Знам дека многу од вас се разочарани од резултатите. И јас сум, многу повеќе отколку што можам да опишам. Знам дека не е лесно. Знам дека претходната недела многу од вас се прашаа дали Америка е земја каква што сме мислеле дека е – рече Клинтон, но додаде дека секој треба да работи на тоа Америка да биде подобра, посилна и поправедна.

Таа рече дека длабоки се поделбите што настанале на овие избори.

– Америка вреди. Нашите деца вредат. Верувајте во нашата земја и борете се за нашите вредности и никогаш не откажувајте се – нагласи Клинтон.

По изборите, таа имаше само кратко обраќање, а во телефонски разговор со американските медиуми го обвини шефот на ФБИ, Џејмс Коми, за поразот.

Клинтон освои најмногу гласови од гласачите, но не и гласови од електоратите, кои во специфичниот изборен систем на САД формално го избираат претседателот. Таму, врз основа на бројот на освоените гласови на избирачите од сојузните држави, на кандидатите им се доделува соодветен број на електорски гласови, што е пресудно за изборот на шеф на држава.