Гутереш: Меѓународната заедница пропушти важна можност да покаже поголема амбиција во однос на борбата против климатските промени

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави денеска дека е разочаран од исходот на Конференцијата за климатски промени на ООН (ЦОП25) и жали што е „пропуштена важна можност“, со оглед на тоа дека делегатите од околу 200 земји постигнаа само „минимален компромис“.

„Меѓународната заедница пропушти важна можност да покаже поголема амбиција во однос на намалувањето, адаптацијата и финансирањето на борбата против климатските промени“, се наведува во соопштението објавено по состанокот кој траеше повеќе од две недели, но додаде дека не треба да се откажуваме и оти и тој нема да се откаже.

Маратонската Конференција на ОН за климатата (ЦОП25) заврши денеска во Мадрид, со минимален компромисен договор и одложување на клучната одлука за регулирање на глобалните емисии на јаглерод за следната година.

Двонеделната конференција во Мадрид требаше да заврши во петокот, но беше продолжена во обид да се постигне компромис. После двата дополнителни дена и ноќи на преговори, делегатите конечно се согласија дека нови, подобри планови за намалување на емисијата на стакленички гасови треба да бидат подготвени за конференцијата во Глазгов следната година, пренесува Би Би Си.

Сите земји ќе треба да најават нови намалувања на емисиите на стакленички гасови до следната конференција во Глазгов следната година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ