ЕУ повикува на дијалог и смирување на тензиите во Хонг Конг

Европската Унија изрази „длабока загриженост“ за ескалацијата на насилство и немирите во Хонг Конг и повика на дијалог, потсетувајќи дека држи до автономниот статус на регионот.

Протестите во Хонг Конг не стивнуваат, а полицијата почна да употребува вистинска муниција против демонстрантите, 18 годишно момче е тешко рането и десетици други полесно, меѓу кои и новинари.

-ЕУ стои на својот став дека воздржаноста, де-ескалирањето и дијалогот се единствен пат напред, сега се повеќе потребни од било кога и се единствен основ за трајно решение, смета Европската Унија.

Жителите на овој автономен кинески регион протестираат против укинувањето на забраната за екстрадиција кон Кина, каде сѐ уште се практикува смртната казна.

Европската Унија ги повика властите да ги почитуваат темелните права и слободи на жителите на Хонг Конг, вклучително и правото на мирен протест.

-Секакво насилство е неприфатливо и секое дејство на полициските власти мора да остане строго пропорционално, порача шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини во име на ЕУ.

ЕУ бара да се вложи напор за да се “изгради повторно довербата помеѓу владата и населението“ и го поздрави обидот за дијалог воспоставен од властите неодамна.

Демонстрантите ја обвинуваат премиерката на Хонг Конг, Кери Лам, дека е под целосна контрола на Кина и дека обидот за воспоставување сесии на дијалог со населението е само “ПР вежба“.

Во реакцијата, Могерини потсетува дека ЕУ држи до “блиските односи со Хонг Конг“ по принципот на “една држава, два система“.

-За ЕУ е многу важен високиот степен на автономија на Хонг Конг, тој мора да биде сочуван во согласност со Темелниот Закон (Устав, нз) и со меѓународните заложби, стои во реакцијата на ЕУ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e