Децата спасени од пештерата во Тајланд ослабеле, но се во добра состојба

Момчињата и нивниот фудбалски тренер, кои беа спасени од поплавената пештера во северен Тајланд, ослабеле но се во добра состојба, соопштија денеска претставници на здравствените власти.

Децата и тренерот кои од пештерата Там Луанг беа извлечени за три дена, добро се грижеле за себе, и сместени се во болница во градот Чијанг Рај, изјави локалниот здравствен функционер Тонгчаи Лертвиларатанапонг.

Тој прецизира дека децата во просек ослабеле по два килограми и не се под стрес.

Првите четири спасени деца се чувствуваат добро, јадат нормална храна и шетаат, четворицата спасени во понеделникот се уште јадат само мека храна, додека четирите деца од последната група кои пристигнаа во болница синоќа, како и нивниот тренер, имаат мала инфекција на белите дробови.

Сите момчиња и тренерот беа успешно спасени од пештерата, и покрај тоа што немале никакво искуство во нуркање, а некои и не знаеле да пливаат.

Тие ќе примаат лекови за инфекција во наредните седум дена, а лекарите претходно најавија дека децата ќе бидат пратени и на психолог, за да се открие дали имаат последици од ситуацијата во која се најдоа.

Дванаест момчиња, членови на фубалска екипа, и нивниот тренер без заглавени во пештера во северен Тајланд од 23 јуни, затоа што монсунските дождови го кренаа нивото на водата. Цели девет дена не се знаеше каде се наоѓаат, ниту  дали се живи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e