Ципрас до Ердоган: Пучистите не се добредојдени во Грција

Јасна порака дека турските пучисти не се добредојдени во Грција, испрати грчкиот премиер Алексис Ципрас на средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Њујорк.

Екстрадицијата на турските војници од Грција и справувањето со бегалската криза беше во фокусот на двајцата политичари, кои се сретнаа доцна вечерта на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.

Првата тема што ја отворил турскиот претседател пред Ципрас било токму прашањето за осумтемина турски војници кои бараат азил во Грција. Грчкиот премиер истакнал дека кој било турски граѓанин вмешан во обидот за воен удар не е добредојден во Грција и посочил дека државата се справува со прашањето според меѓународното право. Извори од грчката влада за државната информативна агенција АПЕ посочиле дека Грција останува на ставот да се држи до меѓународното право, без да дозволи да се врши притисок врз неа за забрзување на процедурата за азил и за екстрадиција на војниците.

По еден месец разгледување на барањата за азил на турските војници кои еден ден по обидот за воен удар избегаа во Грција, грчката служба го одби барањето за азил на еден од осумтемина, а ги архивираше барањата на двајца од војниците кои може да го отворат одново случајот во следните девет месеци. Како што објаснила адвокатката на војниците Ставрула Томара за АПЕ, едниот војник е одбиен со тврдење дека учествувал во обидот за воен удар врз Ердоган. Според Томара, пресудата не е донесена врз основа на неговиот исказ, туку врз генерални информации и заклучоци на службата за случувањата во јули.  Војникот ќе поднесе ново барање за азил до второстепена комисија.

Томара истакнува дека за другите двајца војници барањата не се ни прифатени, ни одбиени, туку одат во архива и може да бидат одново отворени во следните девет месеци. Двајцата војници одбиле да ги примат одлуките од службата за азил, а случајот е прекинат и архивиран по барање на правните претставници на војниците поради непрофесионалниот однос и прекршувањето на дел од одредбите од законот за азил на една од вработените во службата за азил вклучена во нивните случаи.

За другите петмина војници сè уште нема одлуки и продолжува процедурата за разгледување на нивните барања за азил.

Ципрас заедно со министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, денеска ќе се сретне со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун.

Мета

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e