Бајден по пресудата за убиството на Флојд: На сите ни олесна

Поротата го прогласи за виновен поранешниот полицаец од Минеаполис, Дерек Човин за убиството на Џорџ Флојд за време на апсење, а пресудата предизвика бројни реакции.

Претседателот на САД, Џо Бајден, по пресудата рече дека се чувствува олеснување.

„На сите ни олесна“, му порачал американскиот претседател Бајден на семејството на Флојд во телефонски разговор. „Вие сте неверојатно семејство. Би сакал да бидам таму за да ве прегрнам“, продолжил тој.

По пресудата, Бајден и се обрати на јавноста од Белата куќа и ги повика Американците да се обединат во борбата против расизмот, кој ја расипува душата.

„Дојде време оваа земја да се обедини“, рече Бајден во краткото обраќање од Белата куќа.

„Некои – агитатори и екстремисти кои се потсмеваат на социјалната правда – ќе се обидат да ги искористат сировите емоции“, предупреди тој.

„Не можеме да им дозволиме да го сторат тоа“, додаде претседателот на САД.

„Пресудата за полицаецот Човин нема да го врати Џорџ“, рече Бајден, додавајќи дека оваа пресуда можеби е момент на клучна промена. Тој ги повика Американците никогаш да не ја заборават оваа трагична епизода.

„Мораме да слушаме. ‘Не можам да дишам, не можам да дишам’ – тоа беа последните зборови на Џорџ Флојд. Треба постојано да ги слушаме тие зборови, да не им го вртиме грбот“, истакна Бајден на крајот.

„Денеска се одбележува Денот на правдата во Америка“, порача Камала Харис, потпретседателката на САД.

Поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел ја поздравија пресудата.

„Денес, поротата постапи правилно. Но, вистинската правда бара многу повеќе. Мишел и јас упатуваме молитви до семејството на Флојд и стоиме заедно со сите оние кои се залагаат да гарантираат целосна правда за секој Американец, што на Флојд и на многу други им беше ускратена“, рече Барак Обама.

Пред зградата на судот се собрала толпа од неколку стотици луѓе кои со извици на одобрување ја дочекале веста за пресудата.

Националната гарда е на улиците на Минеаполис. Повеќе од 3.000 припадници на Националната гарда и најмалку 1.100 полицајци се распоредени низ Минесота, како дел од т.н. операција „безбедносна мрежа“, како превенција од можни немири по објавувањето на пресудата.

Слично е и во другите поголеми градови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e