21 лице загина, а 27 се ранети во судирите во близина на Триполи, Либија

Најмалку 21 лице загина, а 27 се ранети во судирите во близина на Триполи, соопшти синоќа меѓународно признаената влада на Либија.
Вчера ОН ги повика завојуваните страни на двочасовен прекин на огнот, за да може да може жртвите и цивилите да се евакуираат, но и покрај тоа, судирите продолжија, јавува „БиБиСи“.

Силите под команда на владата во Триполи, кои се признати од Обединетите нации, објавија дека ја започнуваат операцијата „Вулкански гнев“ за да ја одбранат престолнината.

Портпаролот на овие сили не изнесе повеќе детали за операцијата која е одговор на офанзивата на трупите под команда на Калиф Хафтар, лидерот на самоорганизираната Либиска национална армија.

Како што наведува „БиБиСи“, меѓу загинатите има и еден лекар на Црвениот крст.

Лидерот на меѓународно непризнаената администрација и Либиската национална армија (LNA), Калиф Хафтар соопшти дека во судирите се убиени 14 војници на LNA.

Хафтар во четвртокот објави дека започнува офанзива на Триполи, што доведе до обновување на судирите во Либија.

Премиерот Фајез Серај го обвини Хафтар дека сака да изврши државен удар и го предупреди дека ќе му одговори со сила.

„БиБиСи“ наведува и дека западните земји почнале со евакуација на своите државјани од Либија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e