СДСМ бара македонското обвинителство да отвори истрага за кредитот од една милијарда евра договорен со Унгарија, откако, како што тврди партијата, унгарските власти започнале истрага поврзана со работењето на Ексимбанк.
Барањето го упати членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, кој на прес-конференција оцени дека македонските институции мора да ги проверат сите околности поврзани со кредитот, особено потеклото и текот на парите.
„Македонските правосудни институции се должни веднаш да реагираат и да отворат истрага за овој предмет“, рече Жерновски.
Тој посочи дека, според објавените информации, унгарското национално истражно биро одзело илјадници страници документација поврзана со работењето на Ексимбанк. Жерновски оцени дека тоа дополнително ги отвора прашањата што СДСМ ги поставувал за кредитот.
Од СДСМ особено го проблематизираат потеклото на средствата. Жерновски праша дали дел од парите можеби потекнуваат од Кина и дали Унгарија непосредно пред одобрувањето на кредитот ги обезбедила средствата од кинески извори.
Според него, Владата досега не дала доволно одговори за начинот на кој е договорен кредитот, евентуалните провизии и дополнителни трошоци, како и за потеклото на средствата.
„Ова е огромна сума на пари. До ден-денес ние не добивме одговор за тоа како е договорена зделката, кој ја договорил зделката, кои се провизиите, кои се скриените трошоци“, изјави Жерновски.
Тој побара македонските институции да побараат информации од унгарските надлежни органи и да ги испитаат договорите, потеклото и движењето на средствата, но и нивната крајна употреба.
„Каде завршија овие пари? Кои компании добија средства од овој кредит?“, праша Жерновски.
Членот на Извршниот одбор на СДСМ оцени дека фактот што станува збор за кредит кој ќе го враќаат граѓаните создава обврска институциите да обезбедат целосна транспарентност.
„Македонското обвинителство не може да молчи. Затоа денес отворено бараме да отвори веднаш предмет за сето тоа што се случило со кинескиот кредит“, рече Жерновски.
Тој додаде дека секое понатамошно молчење на надлежните институции би било сомнително и порача дека граѓаните имаат право да ја знаат целата вистина за кредитот од една милијарда евра. објави Скопје1.мк
