Ако денот по утрото се познава, долго очекуваните промени во Македонија ќе се одвиваат развлечено и бавно. Како на фарма за полжави. Кадровските пополнувања на вторите и на третите ешалони на власта се заглавени во меѓупартиските пазарења, во самата СДСМ има повеќе гладни усти од оние во Бијафра, а разноразните што се затечени по многубројните позиции и канцеларии на администрацијата на Фамилијата, не знаеш дали со лопати да ги ринеш или ќе треба да се ангажира и тешка механизација.
Наскоро илјадниците функционери на стариот режим – поточно, околу три илјади шефчиња, заменици, помошници, директорчиња, раководители и разни други аѓутанти – ќе се разбегаат на заслужени (и платени) годишни одмори по патриотските плажи низ Грција, потоа ќе земат некоја недела боледувања, па до септември не ќе можеш ни физички да ги пронајдеш за да им го врачиш решението за разрешување!
Не можев да проверам – Заев не ми крева телефон – но „добро упатени извори“ ми велат дека само во кабинетот на Груевски имало, ни помалку ни повеќе, туку 86 ангажирани советници! Нам ни треба ново Министерство за изгубени синови и ќерки, бидејќи стотици мајки ќе треба да си ги најдат своите одамна исчезнати чеда нагнетени по коридорите, оставите и подрумите на македонските државни институции. Нормално дека внатрешноста на Владата изгледа како кичерајски ол-инклузив турски хотел во Бодрум, бидејќи општата атмосфера упатува на тоа дека Груевски раководел со една голема национална туристичка агенција за одмор, забава, рекреација и корупција, со милиони фрлени на гастрономија, патувања и луксуз, со аранжмани плаќани на 120 рати од еврообврзниците со кои ја задолжи Македонија.
ПАПАГАЛИ?
А министриве на Заев, белки уплашени за социјалниот и политичкиот мир во државата, како папагали повторуваат никако да немало тревожење, дека никој нема да се брка од работа, бидејќи СДСМ има намера да продолжи државната служба да ја третира како социјално биро за вдомување, превоспитување и згрижување на илјадници непотребни административци платени од нашиот данок, во држава во која просекот на платите во јавната администрација е повисок од просекот на платите во приватното стопанство!
Нема ден самиот Заев два-три пати да не повика на помирување, како да станал премиер на локална заедница на Јеховини сведоци! Не знам, можеби сум само јас и мојата ограничена интелигенција во прашање, но не разбрав дека кога се пропагираше „Живот за сите“ се мислело на „Живот за сите на државна сметка“?!
Во меѓувреме, разбравме и дека ни осомничените и обвинетите од СЈО немало да се приведуваат на распит со принуда, туку ќе се канеле на разговори, па кој се појави арно, а кој не се појави, пак ќе му испратат покана; па, ако и така не се појави, пак арно. Мој совет би бил, со поканите, да пратат и понадици – локум и 100 грама кафе, на пример – за повиканите да не се усплахираат; оти, ете, Миле Јанакиески, како што самиот изјави, бил обвинет само поради еден ставен параф на некоја хартија, па се чувствува измалтретиран и неправедно јавно посрамотен, навреден, а можеби ќе побара и бесплатна правна помош од Хелсиншкиот комитет затоа што во „полициската држава на СДСМ“ му се загрозуваат човековите права.
Во право ли е Груевски кога им вели на своите да не се грижат, бидејќи брзо пак ќе се врателе на власт? Секако само тој ги знае шифрите на петте комбинации за заклучување на тешката челична врата од кабинетот каде што дишел чист оксиген со мирис на јасмин, болно осамен во својата долгогодишна семоќ.
ЕСЕНТА ДОАЃА
Во една таква проширена лежерна, речиси покајничка атмосфера од страна на СДСМ, на затворањето на „Дневник“, на пример, во јавноста скоро да се гледа како на голема медиумска трагедија (ќе останеле луѓе без работа!), а не како на повод за голема прослава поради згаснување на најодвратното и професионално најдолното пропагандно оружје на мафијата… Изгласувањето (8:1) на недоверба на Зврлевски од Советот на обвинители поради неизвршување на неговата работа се третира како нормална демократска процедура, а не како основ барем да се најави покренување кривичен прогон против овој господин поради основано сомневање за опструкција на целиот обвинителски систем и поткопување на целиот правен систем во државата… Кумашинот Жарко Луковски си заминува од Телеком со, претпоставувам, подарок златен часовник за верна и профитна служба, а не со соопштение од Владата дека ќе следат истраги за неговата лична вмешаност во овозможувањето на скандалот со илјадниците прислушувани од долгиот список клиенти на компанијата со која тој долга низа години раководел… Откако Канал 5 со премолчена согласност на демократската јавност и партијата на Заев преку ноќ се прешалта на страната на демократијата и „само вистината“, претпоставувам дека и кај Латас ќе се наредат сите од СДСМ и од Шарената револуција за да му гостуваат во некаква постфактуална емисија кога тој ќе реши дека е време за спасување на сопствената и на кожите на Ѕинговци?… Нема белки и милосрдната сестра Чавков да се испрати во пензија со постројување на почесна полициска гарда?!… Ги побарал ли официјално министерот Никола Димитров, при успешната посета на Атина, доказите од Грција за вмешаноста на „Актор“ во огромниот корупциски скандал во Македонија за што таму е поведена истражно-судска постапка?… И така натаму.
ВИДЛИВА ПРАВДА
Суштината на победата на силите за промени во Македонија лежи во определбата на мнозинството граѓани оваа држава институционално и правно конечно да профункционира. Да, разбираме дека е тоа процес за кој ќе бидат потребни долги години и разбираме дека оваа влада има мало и кршливо мнозинство во кое секое накашлување може да биде симптом не на настинка, туку на запаление на белите дробови. Но, од важната изборна победа нема ништо да биде ако се започне со срамежлив, ан-шанте помирлив однос кон бившата владејачка структура која ја врати демократијата, правната држава и правдата во Македонија во Камената доба. ДПМНЕ е политички поразена – и таа, политички, мора да се третира како губитничка страна, со јасна и непријатна артикулација на потрагата за правда и со директна и груба закана за секое продолжување на нестабилноста, дотолку повеќе што во последните денови од власта тие нѐ доведоа на чекор од големо крвопролевање.
Оти, по неколку месеци и онака сите ќе мислат дека Заев е виновен за сѐ и дека за време на Груевски се живеело подобро. Да, на Груевски му е завршена политичката кариера, но за да се расчисти со груевизмот треба да се престане со прикаските за епско „национално помирување“ и за христијанско вртење образ за дополнителни шлаканици. Јехова одамна не беше навратил овде, а и повторно да се појави, пак ќе го распнат само ако им се даде прилика.
Колумната на Сашо Ордановски е објавена во „Слободен печат“