Врховно ропство

Ви пренесуваме дел од колумната на Беса Арифи објавена на НОВА:

Пред повеќе од една година, кога минатата власт (или што би рекле Французите – стариот режим) уште беше силна и неприкосновена, Уставниот суд одлучи да го укине Законот за измена и дополнување на законот за помилување, со што отвори пат да се донесат срамните помилувања на Иванов. Во тоа време напишав дека роб облечен во тогата на Јустиција не може да носи праведни одлуки. Сега, после една година, кога стариот режим е делегитимиран во изборен процес, и кога е оформено ново парламентарно мнозинство, повторно гледаме одлука на такви робови, врховни робови, кои без ронка срам одлучија да му укинат притвор на човек кој е во бегство! Уште колку вакви робовски одлуки треба да видиме додека не разбереме конечно во какво ропство живееме? Според кои правни начела се оправдува таквата одлука со која се укинува притвор на лице кое го бара Интерпол? Како се објаснува тоа на студентите кои учат кривично право и кривична постапка? Како се спие после донесување на таква одлука? Како воопшто се држат други лица во притвор со години и како одново се изрекува таква мерка после ваков чин на целосно суспендирање на правото од страна на врховната институција која истата треба да ја заштити?

Ако некој има дилеми за значењето на овој чин на Врховниот суд кој беше донесен со умислено менување (и тоа два пати) на кривичниот совет и надгласување на двајца судии со спротивно мислење, а откако истото БЗЗ претходно не помина ни во општата седница на овој суд, да разјаснам: Прифаќањето на ова БЗЗ на Републичкиот јавен обвинител покренато за предмет кој се води од Специјалното јавно обвинителство е уште полошо од помилувањата дадени минатата година од Иванов. Со ваквиот преседан Врховниот суд претставен од Вангеловски кој ги направи сите можни комбинаторики за на крај да се дојде до оваа ситуација, всушност овозможи директно вмешување на редовното ЈО врз работата на СЈО, грубо кршејќи го притоа Законот за СЈО, особено членот 6 кој ја гарантира автономијата во работењето на СЈО. Со ваквиот преседан Зврлевски може при секој нареден притвор утврден по барање на СЈО да покрене БЗЗ и преку сегашниот состав на кривичниот совет на Врховниот суд да го укине секој притвор побаран од СЈО. Ова не е само срамно, туку и опасно, бидејќи на СЈО и се одзема една од најважните права во кривичната постапка а тоа е да го обезбеди присуството на лица во таа постапка. Ова навистина е врв на ароганцијата на еден режим во заминување кој се труди со сите сили да се спаси од одговорноста со евтини трикови истуркани напред од поданици кои заборавиле сé во врска со основните начела на професијата која ја вршат а тоа е да обезбедат фер и правично судење за лицата кои се огрешиле пред законот.

Целата колумна на НОВА на следниот линк

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e