До пет часот вчера изутрина траеја средбите во ВМРО-ДПМНЕ по референдумот за името. Првичното задоволство од слабиот одѕив на гласачи набргу беше потиснато од прашањето – што понатаму. Јасно е дека топката се префрла во собраниските клупи, каде што власта бара барем девет пратеници од коалицијата „За заедничка Македонија“ за потребното двотретинско мнозинство и за уставните измени. Иако во јавноста со месеци се шпекулираше дури и за имињата на „предавничките“ пратеници, во ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ситуацијата драматично се променила, па дури и оние што беа сигурни дека ќе гласаат „за“, сега се двоумат, па и ветуваат оти немало да кренат рака.
Премиерот Зоран Заев вели дека за неколку дена ќе се знае дали постои можност за постигнување договор со опозицијата. Разговорите треба да почнат денеска. Ако нема договор, ќе одиме на предвремени парламентарни избори што би се одржале во ноември за да се фатат роковите за имплементација на спогодбата со Грција.
„Секако дека има капацитет за избори. Законот и Уставот ги предвидуваат следните чекори. Но се надевам дека ќе успееме да се договориме. Процесите не можат да бидат замрзнати и да стојат на место, работите мора да се движат напред“, рече премиерот.
Доколку не се постигне договор и се оди на предвремени избори, според него, изборите ќе се случат брзо. Постои можност тие да се организираат до крајот на ноември, временска одредница што ја спомена и во неделата вечерта. Тој напомена оти во целиот тој процес мора да се мисли и на другите рокови, пред сè на изборите за Европскиот парламент, кои ќе се одржат во мај следната година. Тој вчера изјави дека засега нема поддршка од конкретни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени и оти деновиве ќе се дознае преку разговори со опозицијата каков е амбиентот во таа насока. Заев истакна дека во сегашната ситуација треба сите да покажат политичка зрелост со оглед на тоа што никој не понуди алтернатива на НАТО и ЕУ ниту, пак, подобар договор од овој што е постигнат со Грција.
Во ВМРО-ДПМНЕ прилично се резервирани во однос на прашањето за избори. Според нивните интерни анкети, тие биле во водство во однос на СДСМ и наводно би победиле кога и да има избори, особено по „фијаското“ со референдумот, но сè уште траат внатрепартиските пресметки, поради што во интерес би им било да помине уште малку време.
„Да направиме дистинкција, ова во неделата не беше гласање за партија, туку за Македонија. Земјата ја сочувавме, но ништо не е готово, затоа што оваа влада е подготвена на сè. Како и да е, резултатите од референдумот се доволно силен показател што мисли народот за Заев, а ги ‘отрезни’ и нашите пратеници што во јавноста беа означувани како сигурни дека ќе гласаат за уставните измени. Да имаше барем 800.000 излезеност и ним ќе им беше лесно да кажат дека мораат да ја почитуваат волјата на народот. Вака, дури и тие што ги сметате за сигурни се колнат дека нема да гласаат“, брифираат од раководството на партијата.
Пред две недели, половина од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија дека нема да поддржат уставни измени. Другата половина одмолчи, а дел од нив и гласаа во неделата. Партијата јавно рече дека остава на секој да постапи како што мисли, но на терен агитираше за бојкот. Меѓу оние што гласаа беше и координаторот на пратеничката група, Драган Данев. Според нашите информации, тој одамна е „развластен“, но и натаму, барем официјално, не е сменет од функцијата. На изборите гласаше и Даниела Рангелова, која е претседател на Унијата на жени. Гласаа и ексминистерот Никола Тодоров, потпретседателот Митко Јанчев… Забележливо беше што ноќта кога Мицкоски се обраќаше во јавноста од седиштето на партијата речиси да немаше никој од сегашните пратеници.
Кога е во прашање градоначалникот на Кавадарци, во партијата демантираат оти тој сакал да го собори Мицкоски. Оттаму велат дека бизнисот и политика не оделе заедно, па можеби направиле грешка што го вклучиле во највисоките тела во партијата. Сепак, газдата на „Кожувчанка“ е еден од најголемите спонзори во партијата и тоа е факт што мора да биде земен предвид.
Од друга страна, покрај лидерот Мицкоски, бојкотираше и поранешниот претседател Никола Груевски. За него имаше разни шпекулации, дури и беше пуштена „бубачка“ дека ќе гласа во 13 часот во училиштето во Кисела Вода, во чија близина живее и каде што вообичаено гласа. Тој не се изјасни ниту еднаш дали ќе гласа, а поради проблемите што ги има со Специјалното јавно обвинителство, се калкулираше дека можеби ќе „одработи“ на референдумот.. Не гласал ниту бившиот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.
Извор: Независен