ВМРО-ДПМНЕ се милитаризира место да се демократизира

ВМРО-ДПМНЕ не се демократизира туку се милитаризира, е впечаток по изборот на полковникот Драган Ковачки за член на Извршниот комитет на оваа партија.
Ковачки е првото високо воено лице кое се вклучува на ваков начин во политиката, како висок партиски функционер, со што ќе отвори врата и за други такви именувања во иднина кои ќе ја внесат војската во политиката, нешто што во западните европски земји е црвена линија на демократијата.
Ковачки во јавноста стана експониран откако ВМРО-ДПМНЕ го предлагаше за технички министер за внатрешни работи пред изборот на Наќе Чулев. Токму фактот дека е дел од военото разузнување беше причина да не пројде кај власта. Тој се појави и на листата на кандидати за пратеници на оваа партија на последните парламентарни избори во земјава.

Ковачки има поминато низ повеќе скалила во АРМ, како што се специјалните сили и другите сектори. Бил командант на Првата механизирана пешадиска бригада, началник на секција за операции и борбена готовност во Првата механизирна пешадиска бригада, раководител на Секторот за воена безбедност и разузнавање во МО, началник на одделение за контраразузнавање во воената служба за безбедност и разузнавање, офицер за разузнавање и вршител на должност началник на секција за безбедност и разузнавање во полкот за специјални операции, офицер за специјални операции и за разузнавање во мисијата „Слобода за Ирак-1“, командир на противтерористички тим и други функции. По ваквата биографија на Ковачки останува активни генерали со униформи да парадираат во политичките партии и Македонија да тргне по патот на Латинска Америка.

Во моментов Ковачки сѐ уште е ангажиран во Министерството за одбрана и од таму ги критикува активностите на министерката Радмила Шекеринска.

„Јавното декларирање на партиска припадност од страна на високиот воен старешина за кого побаравте став и неговото јавно истакнато членство во највисоки партиски тела е преседан во историјата на Армијата.
Овој чекор на полковникот Ковачки отвара етички дилеми за кои оставаме самиот да даде одговор пред себе, но и пред јавноста која очекува служењето на татковината за кое даваат заклетва сите припадници на Армијата, да биде непристрасно и без партиски влијанија.
Министерството за одбрана и понатаму ќе се грижи Армијата да остане на водечкото прво место според довербата што ја ужива кај граѓаните, што и годинава беше потврдено во истражувањата на јавното мислење. Армијата веќе 28 години грижливо го гради и чува својот углед и нема да дозволиме никакви партиски влијанија  да ја загрозат улогата на чувар на мирот и безбедноста на граѓаните“, изјавија за „Независен“ од Министерството околу партиската функција на Ковачки.
Оттаму не најавија никакви санкции сведувајќи го проблемот на етичка, а не законска основа.
Ковачки беше и еден од фаворизираните кадри на екс-претседателот Ѓорге Иванов кој го именуваше на повисока функција во предизборниот период, нешто што со указ го поништи уште првата недела претседателот Стево Пендаровски. Тој е еден од повеќето разузнувачи блиски до екс-кабинетот на Иванов, кои сега најдоа простор за политичко дејствување преку ВМРО-ДПМНЕ. Ковачки е еден од 18-те нови членови на Извршниот комитет кои треба да помогнат Мицкоски да ја задржи функцијата во ВМРО-ДПМНЕ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e