ВМРО-ДПМНЕ нема став, ама сака пари

Многу непознати остануваат да лебдат и по одлуката на Владата да му додели 1,3 милион евра на Собранието како овластен предлагач за кампања за референдумот. Кој ќе биде видот на јавната пропаганда на парламентарците, како таа концептуално ќе се изведе, ќе ги искористат ли сите повластени цени кои Собранието ги добива како овластен предлагач – се нејаснотиите кои допрва треба да се расчистат. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, и натаму калкулира околу ставот за референдумот небаре тој ќе се одржи наредната година, а не за близу еден месец.

Собранискиот спикер, кој раководи со координативното тело, Талат Џафери, преку писмо ќе побара од пратеничките групи да се изјаснат дали и каква кампања ќе водат. Тоа треба да го направат во наредните три дена.

Од Владата вчера појаснија дека донесена е одлука Министерството за финансии да му префрли 1,3 милион евра на Собранието од ставката во буџетот „функции на државата“, откако било увидено дека е долга постапката за донирање пари од министерствата, како што беше првично планирано. „Финансиските средства ќе се стават на располагање на Собранието за медиумски закуп, односно за сите медиуми кои доставиле ценовник во Државната изборна комисија. Доколку не се потрошат предвидените пари тие ќе бидат вратени во буџетот“, рече вчера на прес-конференција портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Околу реакциите дека е потребно да се направи ребаланс на буџетот, од Министерството за финансии велат дека нема потреба од такво нешто бидејќи ставката „функции на државата“ тежи вкупно 638,6 милиони евра, што кажува дека предвидените 1,3 милиони евра се мала пренамена за која не е потребен ребаланс.

Издвоените средства од Владата ќе бидат пропорционално поделени на пратениците без оглед дали се против, „за“ договорот со Грција или пак, се определиле за бојкот, иако во јавноста има и барања да не се финансираат тие што сакаат да го спречат референдумот. Според пресметките, седумдесетина пратеници кои се „за“ договорот ќе добијат над 700 илјади евра или околу десет илјади евра по пратеник, додека на контото на оние што се против договорот треба да легнат стотина илјади евра помалку.

ВМРО-ДПМНЕ сè уште тактизира околу носењето на ставот за референдумот, но не калкулира околу тоа дали ќе учествува во прераспределба на средствата. „Зошто да не“, изјави вчера лидерот на партијата Христијан Мицкоски во интервју за „Сител“ нагласувајќи дека граѓаните треба да ја слушнат вистината за договорот со Грција и штетите што ќе произлезат од него. Наредната недела раководството на партијата ќе има состанок со пратеничката група на која ќе се прецизираат деталите околу натамошните чекори. Паралелно трае процесот на консултации во органите на партијата, но и со граѓаните од кои, како што вели Мицкоски, треба да се искристализира партискиот став за референдумот.

На забелешката дека изгледа несериозно најголемата опозициска партија на еден месец пред референдумот да нема став, Мицкоски вели: „Би биле несериозни доколку се затвориме во канцеларии и елитистички би го носеле ставот“.

Неофицијални информации од партијата велат дека кај поголемиот дел од членовите во извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, сепак, провејува расположението дека во клучните моменти за државата не треба да се повика на бојкот. На партискиот распоред оваа недела не е предвиден состанок на извршниот комитет кој вообичаено се одржува секоја седмица. За наредниот викенд, пак, според најавите, планиран е митинг во Кичево.

Владата и мнозинството пратеници во Собранието, пак, немаат проблем со ставот за референдумот. Ќе се организираат пресови, интервјуа, дебатни емисии, брифинзи за што нема да се трошат пари, а комуникацијата, пак, преку Твитер и Фејсбук ќе се реализира со 6,5 илјади евра од тековниот буџет на Секретаријатот на Владата. Притоа, детално ќе се објаснуваат придобивките од членството во ЕУ и НАТО, како и точките од текстот на договорот со Грција, а потстојано ќе се упатува и повик до граѓаните да излезат и да го искористат своето право на глас.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e