43 случаи на западнонилска треска, вирусот првпат потврден и кај мртов гарван во Скопје

Во земјава досега се регистрирани 43 случаи на западнонилска треска, од кои 40 се сигурно потврдени, додека кај уште три лица вирусот е потврден со еден тест, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.

За првпат случаи се регистрирани и во скопските општини Центар и Чаир.

Во Скопје е потврден вирусот и кај мртов гарван, што е прв регистриран случај на мртва птица позитивна на западнонилска треска. Во изминатиот период има голем број дојави за мртви птици, кои ги собира Агенцијата за храна и ветеринарство за понатамошно испитување.

Клековски информираше дека здравствените власти направиле мапирање на подрачјата со зголемен ризик од ширење на вирусот.

„Комарците не познаваат општински граници, тие се движат од еден до два километри. Во Сопиште нема ризик, но има комарци. Во Чучер Сандево исто така. Во моментов работиме со 34 ризични подрачја, од кои 13 се високо ризични“, изјави Клековски.

Според него, проточните реки во кои има риби претставуваат помал ризик, бидејќи рибите се хранат со ларвите од комарци. Многу поголем ризик претставуваат застоените води, особено оние во кои има и отпад.

Како најризични се издвоени каналите за наводнување во Скопско Поле, ископите и таканаречените мртви делови од реките.

Меѓу конкретните критични точки се Серава на подрачјето на Арачиново и Бутел, каналите во Јурумлери, како и каналите во Драчево, Батинци и Студеничани.

Зголемен ризик е детектиран и во околината на септичките јами и гробиштата, каде што условите овозможуваат размножување на комарците.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e