(ВИДЕО+ФОТО) Интервју со Моника Зајкова: Да бидеме генерација која чекори рамо до рамо со своите врсници во Европа и отвора нови перспективи за идните генерации

Интервју со Моника Зајкова, потпретседателка на Либерално демократската партија, кандидат за пратеничка на парламентарните избори во 2020 во ИЕ1.

Сите ние како личности овде сме различни, но верувам дека сите заслужуваме еднакви можности, исто како што верувам дека ако градиме позитивни промени и го даваме својот максимум за општеството истото ќе се развива, ќе чекори напред.

Можете ли да ни кажете зошто одбравте да бидете дел од политиката, како млада личност и не го следевте примерот на вашите врсници да заминете од земјата?

Моника Зајкова: Ми буди посебни емоции секогаш кога ја споделувам мојата приказна зошто сум во политиката. Јас сум од онаа генерација на млади луѓе родени во 90-тите години,  која токму најубавите години ги помина во заробена земја. Студент кој иако како еден од 50-те најдобри средношколци беше стипендист на Универзитетот ФОН, беше третиран поинаку од студентите на државните универзитети. А сите студенти според законот треба да се еднакви нели? Генерација на оние млади луѓе кои во тоа време масовно се иселуваа. Во политиката пристапив затоа што сметав дека ако сакаме да видиме промени и да го спречиме селењето на нашите блиски и пријатели, треба да се бориме за тие промени. Сметам дека младите не треба да молчат, туку напротив да го подигнат својот глас. Сведоци сме дека сите големи промени се случиле со поддигање на гласот на младите. Затоа сакам да ги поттикнам младите луѓе да бидат активни чинители во процесот на креирање и носење на одлуки, бидејќи секоја одлука се однесува токму на нашата сегашност и иднина.

 

Дали планирате некаква стратегија со која нашите млади ќе бидат мотивирани да останат во земјава?

Моника Зајкова: Сите ние како личности овде сме различни, но верувам дека сите заслужуваме еднакви можности, исто како што верувам дека ако градиме позитивни промени и го даваме својот максимум за општеството истото ќе се развива, ќе чекори напред. За такви позитивни промени кој ќе ги задржат дома успешните кадри, ќе обезбедат еднаквост на младите без оглед на кој Универзитет студираат,  за развој на младинските политики и градењето иднина дома покрај своите родители работев и се залагав и како студентка, и како правничка и денес како политички активист.  За вакви политики како тим се залагавме и ќе се залагаме и во периодот кој следи. Во изминатите три години  за младите правевме многу, но секогаш можеме уште подобро и уште повеќе. Бев дел од работната група која го креираше и се избори да се донесе Закон за младинско учество и младински политики кој дава можност за поголема вклученост на младите во носењето одлуки преку младинските локални совети, Националното собрание на млади и повеќе сервиси за младите. Обезбедивме по 3.000 денари месечно младински додаток за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование кои работат во производството. Инвестиравме многу во развој на спортот. Но, како што кажав секогаш можеме повеќе и младите заслужуваат повеќе. Во периодот кој следи доколку ја добиеме поддршката ќе донесеме Закон за младинска гаранција, законски прописи со кој ќе се овозможи редовен работен однос на редовните студенти на одреден број часови. Имаме идеја да  воспоставиме мрежа на старт-ап амбасадори од луѓе кои живеат и работат во Северна Македонија со луѓе кои живеат и работат во поголеми технолошконапредни центри во Европа и светот, да создадеме Фонд за млади умови кој претставува финансиска поддршка во повеќе сегменти на развојот на критичкиот и креативниот потенцијал кај децата и младите итн.

ЛДП е предлагач на Законот за субвенциониран оброк, дали оваа идеја беше ваша?

Моника Зајкова: Субвенционираниот студентски оброк е идеја од Р.Словенија кој прво во форма на Иницијатива до Владата ја достави потпретседателот на ЛДП Зоран Шапуриќ. Поради позитивното прифаќање на Иницијативата, Либерално-демократската младина истата ја преточи во форма на Закон, кој го промовираше во јавноста и за кој успешно излобира да биде едногласно усвоен  во Собранието.  За оние кои не се запознаени со Законот се  обезбедува 2.400 денари месечно за здрав оброк на секој редовен студент запишан на државните и приватните Универзитети. Правото на субвенциониран студентски оброк студентите ќе може да го користат секој работен ден од 8:00 до 20.00. Исто така за да спречиме злоупотреба на Законот предвидовме дека средствата одобрени од МОН за субвенционирање на здрав оброк може да се користат само за таа намена, а регулирано е прашањето и за вршење надзор над тоа како се спроведува мерката.

Кои се вашите цели како идна пратеничка во Собранието?

Моника Зајкова: Како идна пратеничка во Собранието заедно со  тимот постојано и неуморно ќе се борам за уште поголемо исполнување на целите на младите, кои се предуслов за здраво и напредно општество. За младите да ја имаат иднината тука во нашата држава. Бидејќи нема поубаво од дома. За ја вратиме изгубената  довербата на младите во нашата земја во новиот  мандат,  кој сум убедена дека ќе го добиеме, ќе донесеме како што претходно веќе споменав Закон за младинска гаранција со кој ќе се институционализира поддршката за полесно вработување. Исто така она што за мене е особено важно како сестра на млад спортист е дека ќе донесеме Закон со кој ќе се регулира стажот на спортистите. Ќе  формираме  Младински центри кои ќе ги развиваат и културните потреби на младите. Заложба која Либерално-демократската младина, во која до неодамна бев дел ја промовира уште од 2016 година, која конечно наиде на слух  и се најде во нашата Коалициона програма, а ќе правам напори што побрзо да  стане и  реалност.Да го запреме одливот на млади мозоци или ,,Brain Drain’’ предвидовме создавање на Фонд за млади умови кој ќе претставува финансиска поддршка во развој на критички и креативен потенцијал кај децата и младите. Сакаме да формираме „Старт-ап село“ („Start-Up Village“) кое ќе нуди физички простор за живеење и работа на млади луѓе со започнат или бизнис во подготовка. Нашата визија е да создаваме средина во која младите ќе го јакнат претприемачкиот дух, иновациите и креативноста што е особено значајно во 21 век. Како земја сметам дека немаме пробем со работни места, туку со развој на преприемништвото и инвестирање во младите претприемачи кои треба да генерираат нови работни места. Затоа и во програмата ставивме мерки кои ќе придонесат за развој на претприемачкиот дух, како и заложба нашата држава да е иновативна држава. Како  млад човек,  кој ќе биде гласот на младите во законодавниот дом ќе се борам младите во нашата земја да ги имаат истите можности и придобивки како нашите врсници во Европа. 

Ќе се борам сите овие мерки и заложби и многуте други кои ги предвидува  програмата ,,Можеме“,да не останат само пишан збор, а убедена сум дека Тоа го можеме.

Да бидеме горди млади кои чекорат рамо до рамосо своите врсници од Европа.


ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e