Светиот грал

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Горан Михајловски за СДК:

-Сите го гледале ли „Монти Пајтон и Светиот грал“? Кога Џон Клиз и другарчињата треба да поминат преку Мостот на смртта, а вештерот ги фрла сите во провалијата. Е па, да беше Џон Клиз во Македонија деновиве немаше да одговара на прашања на вештерот. Сам ќе си се фрлеше од мостот.

Ние го пробивме ѕидот на реалноста.
И забегавме од другата страна на мостот.

И како што се развива драмата околу патешествијата низ Западниот Балкан на избеганиот ни бивш премиер Никола Груевски, осуден за криминал, така и Монти Пајтон си умре во Македонија. Судот и полицијата го бараа кај жена му, кај мајка му, по гаражи…, а тој ниту учел, ниту книга пишувал.
Роудшоу правел низ регионот.

Во неделата, унгарски дипломати веќе му правеле примопредавање во некој мотел во Србија, а во понеделникот нашата полиција уште го бараше во гепекот на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев во Скопје. И другиот ден ни се јави по Фејсбук од Будимпешта. Додека братучед му Сашо Мијалков пишуваше писма до Христијан Мицкоски, тој веќе пополнувал апликација за азил.

Сега ВМРО-ДПМНЕ си го бара назад почесниот претседател. И бара оставка од Владата на Зоран Заев оти дозволила да избега од земјата. И кога си мислиш дека потрагата по Светиот грал тука завршила, доаѓа вест од Будимпешта дека Виктор Орбан, домаќинот на нашиот криминалец, ни праќа 30 унгарски полицајци да ни ја чуваат границата од азиланти.

Си викаш, па можеби седат заедно и решиле да нѐ зафркаваат, да нѐ дупат во здрав мозок. Оти, Орбан е тоа. Оној што дигаше огради на границата, им подаруваше бодликави жици на сите балкански држави како донација и дома победуваше плашејќи ги гласачите со мигранти што бараат азил. Е тој Орбан, баш преку бегалската рута си го извлекол другарчето поминувајќи 4 граници и три држави. Ќе излезе дека со Груевски ја тестирал порозноста на границите.

И таман си мислиш дека сѐ е завршено и дека не може да биде посмешно, па треба да преминеме на сериозни теми, јавуваат дека некој во Скопје украл камион за собирање ѓубре додека бил на сервис. Да не им требала ѓубрарката на Унгарците да се маскираат како ѓубреџии, па така незабележано да го возат Груевски? Сега уште фали во епизодава да се вклучат и Филип Петровски и Јанко Бачев.

Да му одат на Груевски на кафе во Будимпешта. Да му врачат писмо. И да му пеат под прозорец: „Кажи зошто нѐ остави и нѐ обли со тага“. Да апелираат да се врати во Собранието, оти сега имаат еден глас помалку против уставните измени. Но, чекајте. Смртта на Монти Пајтон не доаѓа одеднаш. Се појавува и премиерот Зоран Заев. И вика дека пратеникот Груевски можеби е киднапиран. Ако не е ѓубрарката на Петре Шилегов, тогаш можеби е жолто комбе.

Странски служби се – секако. Што значи дека сега ќе треба да собираме пари за откуп на киднапираното лице. Да отвориме смс броеви за донации. Ако не се соберат доволно пари за откуп, министерот за финансии Драган Тевдовски ќе издаде евро обврзница. Скап е Груевски. Ем почесен. Ем пречесен. Ако и тоа не успее, ќе мора да го спасуваме со специјални сили. Кризата со киднапирањето да ја решава Врховниот командант Ѓорге Иванов. Можеби некому е смешно дека ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Владата на Заев оти им избегал почесниот. Ама кога ќе се вклучи и Ѓорге Иванов… Е дури тогаш ќе умреме од смеење.

Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e