Силно светнал ден!

Веста дека Хојт Ји, од следната есен, ќе биде новиот американски амбасадор во Македонија, му доаѓа како последната кофа со помија – иако би можел да се присетам и на некои други, посмрдливи и полепливи аналогии – истурена врз главата на монументално погрешната стратегија на Груевски за барање спас на Фамилијата пред правдата со која ќе мораат да се соочат предводниците на параполитичката секта наречена ДПМНЕ.

Ако се сеќавате, Ји е високиот американски функционер за кого Груевски мислеше дека е дојден на повеќекратно туристичко разгледување на убавините на Македонија, откако со скапо платените (наши) лобистички пари мислеа дека се справиле со влијанието на сегашниот американски амбасадор во Скопје, Џес Бејли. Иронијата така ќе посака Иванов да биде тој што ќе треба со кисела насмевка да го прати Бејли и со дополнителен еден литар оцет во насмевката да му ги прими акредитивите на Ји, откако последниот пат кога се разделија токму од него беше предупреден со своите постапки „да не го предизвикува гневот на САД!“.

Поради ваквиот крај на оваа долга и опасна епопеја на македонската автократија, предлагам Мирка да им го позајми сиџимот од руските медалји што се качат на врат за да се обесат на некоја од трите жални врби тажно виснати среде Вардар.

Под тежината на нивната глупост врбите и така нема да ги издржат, па можеби ќе имаме среќа, барем фигуративно да се удават, да се искапат во кашата од пластични шишиња во речната бара создадена од изградбата (и) на големото панорамско тркало оптегнато меѓу двата брега. На тој начин и симболички ќе заврши една од најтажните епизоди во македонската понова историја којашто би можела да се нарече како: „Подемот и падот на малиот голем диктатор“… Или: „Да ти ибам бесењето, за малку ќе се удавевме!“.

БОЛЕН МИ ЛЕГНАЛ АЛИ АХМЕТИ

Едно време помислив дека, не само на Груевски, туку срцето повеќе ќе му пукне на Али Ахмети од изгласувањето на новата Влада. Лично принуден партиски да учествува во неа, Ахмети ја направи максималната одмазда и штета што можеше да ја спроведе: ги елиминира сите реформски потенцијали во ДУИ од учество во Владата, а понуди луѓе за министри чиишто генерални професионални и политички перформанси, објективно, се на ниво на некаква помала земјоделска задруга околу Мала Речица, плус врските на некои од нив со најкриминалните структури во ДУИ. Мислам, со оглед на состојбите во земјава, агендата на новава влада и така може да се спореди со барање игла во стог сено, ама Ахмети навистина не мораше толку да се потруди да го зголеми стогот!
Јас, додуша, сосема го разбирам Ахмети: неговата длабока и искрена политичка „љубовна врска“ со Груевски се должи на едноставната партиска премиса врз која егзистираат партии како ДУИ и ДПМНЕ – за едните гласаат етнички Албанци, за другите етнички Македонци и, од тука натаму, секој си се занимава со политичките опоненти во својата етничка група, без мешање на „суверените“, „божествени“ етнички ингеренции. А потоа се појави Заев, кој им „обра“ десетици илјади албански етнички гласови и им ја растури добро извежбаната игранка на Грујо и на Али. Сега Али е во шок – додуша, нешто помал од оној на Грујо – бидејќи целата своја политичка кариера и животна благосостојба ја базира врз албанството, а сега треба да се снајде во предлагање, дебата и спроведување образовни или правни реформи и така да придобива гласови на изборите?!… „Чекајте – вели вознемирено Али – па не излегуваше ОНА во планини за да расправаме за реформа на здравствениот систем во Македонија!“

РЕЖИМОТ И ПЕНКАЛОТО

Со други зборови, проблемот на Заев е што секој негов успех во Владата ќе значи изборен неуспех за Али Ахмети. А мнозинството во Собранието се потпира врз одлуката дали Ахмети, лично, ќе се реши да го довезат од пушалната во Мала Речица за гласање во Скопје?! Баш ме интересира да видиме како со такво „рушење режим со пенкало“ сега ќе се справи Заев. Тоа, истовремено, е илустрација и за пропуштената можност за БЕСА со влез во реформската влада на Заев да излезе од приказната дека под нивната партиска маска се крие, всушност, само варијанта на „муслиманско братство“ кое, наместо само врз етничка, сака да лови изборни гласови врз етно-религиозна платформа.

БЕСА самата се осуди да ѝ биде опозиција само на ДУИ и, наместо на пошироки реформски теми, се сведоа на тоа да можат да рефлектираат само на гласовите што етничките Албанци би ги делеле меѓу нив и ДУИ, а не и на оние Албанци што би гласале за успешното одвивање на приказната дека во Македонија ќе има „живот за сите“.
Како ќе се одвива сето тоа? Ќе биде напорно и мачно, но, да ве потсетам, дека на крајот и „Тиранската платформа“ неславно се загуби во сопствената прашина фрлена во очите на македонската јавност речиси со истата брзина со која беше создадена за да го искомпликува постизборниот расплет во Македонија.

Од овој аспект, просто е штета за ДПМНЕ (а среќа за македонската демократија!) што таа фамилијарна партиска формација нема сила да се справи со мафијашите во своите редови, бидејќи сега партиски ќе потонат во деталниот и долготраен расплет на нивните лични криминални биографии и нема да имаат доволно кредибилитет, концентрација и сила за да ја искористат парадоксалната ситуација во која се наоѓа Заев со своите албански коалициски и некоалициски партнери. Всушност, таа заробеност на ДПМНЕ со судбината на Фамилијата – откако ја ослободивме Македонија од истата таа заробеност од Фамилијата – ќе му биде главниот сојузник на СДСМ во напорите за стабилизација и развој на државата.

СУФЛЕРИ

На тој начин можеби станува и појасно зошто САД го испраќаат Хојт Ји за свој амбасадор во Македонија: за Фамилијата да се соочи со последиците од воспоставувањето на правната држава; за Хорхе да се воздржи од натамошни глупирања; за ДУИ да го преживее пензионирањето на Али Ахмети; за БЕСА да го преиспита занимавањето со верските чувства на своите гласачи и изворот на своите финансии… И, конечно, и за македонските соседи уште еднаш да ја утврдат лекцијата дека регионалните прашања за стабилноста и нестабилноста нема да се решаваат по балканските зачадени кафеани, со суфлирање од Москва.

Ете, значи, го дочекавме и тој ден Зоран Заев да стане премиер на Македонија! Груевски толку физички, материјално и емотивно нѐ исцрпи, што некако не успеваме доволно да му се израдуваме и на тој голем успех. Но, секако сме на половина пат од таму каде што тргнавме пред повеќе години, па вистинското славје предлагам да го закажеме за деновите кога ќе ги оствариме нашите евроатлантски амбиции. Другото и онака ќе биде историја.

Колумна на Сашо Ордановски за „Слободен печат“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e