Референдумот не е избори

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Ерол Ризаов за „Независен“:

-Референдумот е распишан. Одиме на гласање. Ништо не може да се реши со лесно во Македонија, па ни повеќедецениската заедничка консензуална определба на сите парламентарни политички партии и на мнозинството граѓани за припаѓање на Европа и за членство во НАТО и во ЕУ. Само пред десетина дена Собранието донесе едногласна декларација на сите пратеници и од власта и од опозицијата дека цврсто стојат на определбите за членство во НАТО и во ЕУ. Но, очигледно, тоа не е доволно да се прифатат отстапките направени во договорот со Грција. Сега тежината на одговорноста само навидум е пренесена од политичарите и од Собранието и е префрлена на 1.800.000 граѓани, колку што се запишани во Избирачкиот список, кои треба да одлучат дали ќе дадат поддршка на договорот што е услов да се спроведе во дело и Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО. Или, пак, ќе се стопираат тие заеднички определби на мнозинството граѓани со бојкот на референдумот што е сосема различно од тоа ако мнозинството граѓани гласа дека договорот е неприфатлив, односно дека е неприфатливо да се стане членка на ЕУ и на НАТО со отстапките кои се неправни.

Со други зборови, сè е јасно ако мнозинството граѓани гласа „за“ или гласа „против“ и ако е исполнет цензусот во референдумското изјаснување. Тогаш одлуката во двата случаи е чиста и силно обврзувачка да се спроведе волјата на граѓаните. Ако претпоставиме дека над 800.000, или дури 900.000 граѓани гласаат „за“, а сепак, за малку цензусот не е исполнет поради бојкот, или неизлезеност, дали неуспешноста на референдумот ги стопира сите идни чекори на институциите на државата и договорот со Грција станува ништавен поради немање цензус. За да не се случи тоа, Собранието треба веднаш со одлука на мнозинството пратеници и со издржано правно образложение да го овласти претседателот на Собранието да ја потпише одлуката за ратификација на договорот бидејќи претседателот на државата одбива да ги изврши своите обврски. Ете, затоа, референдумот е консултативен. Во оваа фаза кога работите не се завршени и не може да биде поинаков освен консултативен.

Сосема друга работа што целиот амбиент за референдумско изјаснување е неповолен, полн со манипулации и валкани пропаганди со јазик на омраза, со лаги за содржината на договорот, кој со ништо не ги нарушува основните идентитетски придобивки на македонскиот народ. Ниту е изгубено името Македонија, ниту националната, ниту верската, ниту јазичната припадност. Сите се признаени со договорот. Останува името Македонија како суштина, останува македонскиот јазик како најсилно идентитеско обележје, останува националната припадност Македонец и македонското државјанство. Отстапките со додавка северна и други компромиси се многу помало зло од губењето на шансата да се биде дел од Европа и да се стане членка на НАТО и на ЕУ.

Референдумот дефинитивно не е избори и партиски натпревар кој ќе ја освои власта кои досега ги имаше на десетици пати и ќе ги има и натаму, туку историско изјаснување на граѓаните за иднината на Македонија. Шанса што е добиена првпат откако постои државата, со голема неизвеснот дали уште еднаш ќе се повтори, затоа најголема е одговорноста на Владата и на Собранието да се искористат сите уставни и законски можности да се остварат највисоките стратегиски цели и приоритети на државата. Тоа се членството во ЕУ и во НАТО.

Колумната на Ерол Ризаов во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e