Рангелова за Призма: „Изолирана партија е партија без иднина“

Актуелната претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ најмногу го привлече вниманието со излегувањето да гласа на референдумот. Таа изјави дека гласала „против“ на референдумското прашање, но нејзиниот чекор не беше во согласност со изјавите на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, кој официјално кажа дека секој треба да постапи по своја волја, но на терен ситуацијата беше поинаква, ако се земе предвид дека најголемиот дел партиски членови и поддржувачи го бојкотираа гласањето.

По ваквиот чекор, партиските членови се соочија со притисоци и закани, физички беше нападнат поранешниот амбасадор во Унгарија, Игор Есмеров, кој јавно изјави дека ќе излезе да гласа на референдумот, а фејсбук-профилот на Рангелова се наполни со напаѓачки пораки, кои сублимирано, оддаваа една единствена порака, а тоа е дека ги предала партијата и државата.

„Јас со крената глава и достоинствено на референдумот гласав „против“ Преспанскиот договор и тоа е во рамки на партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ – секој да одлучи по сопствено убедување. Јас дејствувам транспарентно во партијата и за мојот став дека сум против апстиненција или бојкот го информирав извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и не се каам поради тоа. Прашањето за името е натпартиско и за него треба да одлучуваат единствено граѓаните на Република Македонија, на референдум, затоа што само на тој начин ќе имавме јасна слика за волјата на граѓаните, дали сме „за“ или „против“. Но, за жал, по гласањето, јас и моите колеги бевме изложени на невиден притисок, омаловажувања, понижувања и закани по животот во јавноста преку социјалните мрежи, за кои сакам да останат избледнети спомени, кои ќе бидат заборавени во минатото“, вели таа со доза на разочараност бидејќи за ваквите притисоци немало никаква реакција ниту заштита од партијата.

Рангелова потенцира дека би била среќна ако и нејзините колеги пратеници се охрабреле да гласаат против Договорот, но тврди и дека секој на крај сам одговара за својата одлука и постапки.

„Ги ценам нивните постапки и различни мислења и ја почитувам нивната одлука бидејќи оваа пратеничка група поминува низ многу премрежја, и тоа не по наша вина“.

Патот на ВМРО-ДПМНЕ треба да се спојува со европскиот пат, а не да се разединува

По „падот“ на Никола Груевски, евидентно стана дека партијата која 11 години ја водеше државата се подели на повеќе табори и дека мислењата на партиските членови беа поделени во однос на тоа кој треба да биде наследникот на Груевски и во која насока треба да се движи партијата, овојпат како опозиција. Таа поделеност сè уште е застапена, голем број видни партиски членови во целост се повлекоа од јавноста, а кај многумина постои незадоволство од начинот на кој Мицкоски ја раководи партијата.

„Моменталната актуелна состојба во партијата зборува за одредени дисонантни тонови во контекст на идната поставеност на партијата, кои се движат од радикално десни позиции до централно десни позиции, но се надевам и верувам дека за кратко време состојбата ќе биде искристализирано чиста, особено ако се земе предвид дека нашата партија во фокус ја има евроантлантската интеграција и ова веќе одамна е апсолвирано прашање и не ни помислувам на друга опција“, вели Рангелова и додава дека во овој момент единствено ја загрижуваат пораките што секојдневно пристигаат на нивна адреса, а тоа се јасни и недвосмислени пораки од Европската народна партија, затоа што нашите патишта треба да се спојуваат на европскиот пат, а не да се разединуваат.

„Изолирана партија е партија без иднина“, вели таа.

Повеќе на Призма на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e