Ние сме „за“, а опозицијата?

Прво, ќе почнам со изјавите на Грчката опозиција, лидерот на Нова демократија Киријакос Мицотакис изјави дека Договорот од Преспа „на соседите им отстапува МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И МАКЕДОНСКИ ИДЕНТИТЕТ„.

Има ли поголема потврда дека нашиот македонски идентитет  е запазен и гарантиран од страна на земјата Грција што постојано го негираше. Не можам да замислам дека земјата Грција со Спогодбата станува наш пријател, наш стратегиски партнер  и силен поддржувач во нашиот евро интеграции. До нашиот Мицкотакис, Мицко дали капираш?! Ако Твојот опозиционер од Грција кажува, а тоа јасно го пишува и во Спогодбата во член 1, која може да ја разбере и Рамче, зошто Ти уште се  спротивставуваш на вистината! Вистината е секогаш вистина, таа не може да биде било што друго освен  вистина.

Името и идентитетот според Спогодбата

Во член 1 ставот три го даваме во интегрален текст точките од а) до д):

а) Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа Спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“.

б) Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи.

в) Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик“, како што е признаено на Третата Конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во членот 7, став (3) и став (4) од оваа Спогодба.

г) Термините „Македонија“ и „македонски“ го имаат значењето дадено во членот 7 од оваа Спогодба.

д) Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).

Во точката ѓ) е кажано дека придавката македонски ќе се применува за приватните ентитети што не се поврзани со државата и јавните ентитети, на пример, македонско  вино, македонски фолклор, македонска историја македонска култура и тн. За државните органи и други институции финансирани од буџетот на државата ќе се користи „на Република Северна Македонија„, на пример, Влада на Република Северна Македонија, Агенција за вработување на Република Северна Македонија и тн.

Со Спогодбата Грција со договореното име Северна Македонија доби разграничување со другите делови на Македонија во Грција и Бугарија, што е значајно прашање за нив. Со Спогодбата Македонија доби признавање на националниот и јазичниот идентитет, што за неа е значајно. Поради ова Договорот е фер за двете страни, поради тоа што и двете страни добиле тоа што е значајно за нив.

Мицкоски, што тука не Ти е јасно за да тврдиш безобразно, инфантилно дека со Договорот се губел идентитетот на македонската националност и јазик.

Зошто Грците бараа по секоја цена употреба на договореното име за севкупна употреба?

Никола Груевски како премиер на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, во 11 годишното владеење, натури и спроведе од позиција на сила антиквизација на Македонија тврдејќи дека ние Македонците сме директни потомци на античките Македонци. За да го поткрепи ова, тој изгради многу споменици од антиката, како што се Александар Македонски, Филип Втори, Пердика и куп непознати антички кралеви. Знае ли Груевски каде била престолнината на античка Македонија? Првата престолнина била во сегашна Вергина (Кутлеш) на 60 километри западно од Солун, до Вериа, а втората во Пела до Воден. Ако  ние сме антички Македонци спрема Груевски тоа значи дека ние полагаме право на цела Егејска Македонија каде живееле античките Македонци што сега ја има Грција. Од овој аспект гледано од страна на Грција, нели е тоа иредентизам – по логиката, ако ние сме антички Македонците  треба да ни припадне цела територија на која живееле античките Македонци. Тоа е чист  иредентизам!

Антиквизацијата на Никола Груевски ги иритира Грците и ги натера да барат употреба на договореното име Република Северна Македонија за севкупна употреба или erga omnes, што подразбира уставни промени. Доколку не беше направена антиквизација на Никола Груевски тоа немаше да се случи, доказ за ова е што во поранешните преговори пред антиквизацијата се бараше име за замена на референцата ПЈРМ за меѓународна употреба.

Дали Ти е јасно ова Мицкоски?

Референдум

По тримесечната „консултација со народот„ на 12 септември во доцните ноќни часови Мицкоски, после нормалната критика ба Владата и неспособноста на Заев, како и напаѓање на Договорот со многу рафали, ќе изјави дека по основ на референдумот секој да постапи по сопствено убедување. Не е кажано да излезе на гласање и да гласа по сопствено убедување, но е кажано да постапи по сопствено убедување што подразбира секој ќе реши дали воопшто ќе излезе на гласање. После острите критики на Договорот, како и споменување на зборот „апстиненција„ го кажа ставот, што може да се толкува дека Мицкоски индиректно повикува на бојкот или поточно кажано тивок бојкот.

Важно е однесувањето и кампањата на Мицкоски и раководството на ДПМНЕ до референдумот до 30 септември, дали во кампањата ќе биде со силен негативен набој и   дали индиректно ќе повикуваат на бојкот. Доколку се случи во кампањата да повикуваат на скриен бојкот, во таков случај против нив и останатите минијатурни дпмне-овски здруженија „Бојкотирам„, како и Џуџето Милошовски треба по член 373 од Кривичниот закон против сите нив да се покрене кривично гонење од страна на Обвинителството по службена должност.

На крајот да се насмееме. На прашање до Мицкоски од новинарката (на ТВ 24 часа, на 12 септември) што разговарале со Меркел, тој одговара дека тие разговарале како лидери на партии и дека ќе оделе во Хелсинки на конгрес на конзервативните партии. Новинарката го поправи дека тој разговарал со канцеларка на Германија Меркел која не доаѓа како лидер на партија а тој е лидер на опозициона партија – тоа не е исто. Човекот сака да си даде величина, таков е нашиот Мицко…

Душан Димитров

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e