Не во мое име!

Ви пренесуваме дел од колумната на Џабир Дерала за Цивил Медиа:

-Не може да им се прости на луѓе што извикуваат „Шиптари во гасни комори“, „Добар Шиптар, мртов Шиптар“, „Словенски п***и“, „Ќе ве распнеме на крст“… сѐ додека тие продолжуваат со тоа и веруваат дека тоа е исправно. Не може да им се прости на оние што колнат и навредуваат, на оние што нѐ нарекуваат предавници и повикуваат на погром, силувања и линч.

Може да му се прости на оној што побарал прочка. Или да му се намали казната. Некој што не се чувствува виновен за своите злодела, не може да му се прости. Апсурдно е да се помислува дека постои простор за простување на екстремист, садист и клеро-фашист што тврди дека сторил херојско дело затоа што нападнал човек со цел да го убие ѕверски, со шипки, тупаници и клоци по главата, додека извикувал најстрашни клетви и највулгарни пцости во наплив на неискажлива омраза.

Благородна и длабоко хумана е потребата да се прости и за најстрашното злодело, да. Човечки е да се згреши, а уште почовечки е да се прости. Но, само тогаш кога сторителот е свесен дека тоа што го сторил е погрешно. Тој што не е свесен или свесно одбива да признае злосторство, нема што да му се прости. Да се прости е морална и социјална категорија, но тоа нема врска со правото. Може да му се прости на злосторникот, но тој секако мора да си ја отслужи казната. Можеби судот може да му ја намали казната, но записот за извршеното злосторство останува, жртвата останува жртва.

Оваа земја треба да помине низ процес на денацификација. Мора да се поведе силно движење во кое луѓето што со години беа раскарани и замразени меѓу себе, да се погледнат в очи и да си дадат рака, да си ги признаат, а потоа и да си простат меѓусебно. Треба да се види каква улога играа политичките партии, но и верските заедници, школите, интелектуалците, уметниците, МАНУ… Да го извлечеме сиот талог на површина и да им кажеме збогум на поделбите, омразата и дискриминацијата. Да се изгради нова култура, откако ќе ги урнеме, со земја срамниме и закопаме сите гнасотии што криминалци и социопати ги вгнездија во нашите животи.

Многу земји спровеле такви процеси на помирување во општеството. Тоа се нарекува соочување со минатото. Во Јужноафриканската Република и во повеќе други земји во светот се формираа Комисии на вистината пред кои расисти, престапници, па и злосторници, во присуство на жртвите и заинтересирани луѓе, некаде и медиуми, ги опишуваа своите постапки и бараа простување. Злосторниците кои убиле или тепале, ни тогаш не поминале неказнето, но им било простено.

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e