Ниту Иванов, ниту поддржувачите на бојкотот на референдумот, кои се декларираат како граѓански и непартиски организации, досега не излегле пред јавноста со јасно дефинирана алтернатива на Договорот со Грција, која би овозможила и евроатлантски интеграции на земјата.
„Било кој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се согласи за уставни измени и бришење на вековното македонско име, нема да стигне ниту до државната граница во обид за бегство од Република Македонија“, потенцираше лидерот на досега маргиналната и отворено проруска партија „Единствена Македонија“, Јанко Бачев, коментирајќи ја можноста – разврската на политичката криза, по неуспешниот референдум, сепак, да се одвива во парламентот.
На ваквата отворена закана досега немаше официјални реакции, но таа и не е изненадување, особено, по обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов, кој и‘ порача на Владата на Зоран Заев да не ја потценува волјата на народот и побара одговорност од иницијаторите на референдумското прашање.
„Колку и да ја извртувате, не можете да ја промените реалноста. Време е за одговорност пред македонскиот народ. Поддршката за ЕУ и НАТО е колатерална штета. Од над 80 отсто поддршка за членството на Македонија во ЕУ и НАТО, ја сведовте на само 36 отсто. Држава не се води со слободно и неовластено толкување на Уставот и законите… Народот секогаш носел мудра одлука. Наше е да ја почитуваме таа одлука. Владеачкото мнозинство треба да понесе одговорност за неуспешноста на референдумот“, порача Иванов.
Но, ниту тој, ниту поддржувачите на бојкотот на референдумот, кои се декларираат како граѓански и непартиски организации, досега не излегле пред јавноста со јасно дефиниран став за алтернатива на Договорот со Грција, која би овозможила и евроатлантски интеграции на земјата.
Иако власта во Скопје беше и е децидна дека Преспанскиот договор е клуч за евроатлантските интеграции на Македонија и гаранција за нејзината и за регионалната безбедност, а владеачкиот СДСМ за актуелниот претседател смета дека „воопшто не се грижи за иднината на државата и нејзините граѓани, и цврсто стои на страната на темното минато на изолација, уназадување и неизвесност“, токму руското Министерство за надворешни работи, отворено му изрази поддршка на Иванов и се изјасни против Договорот.
Руското МНР кое е со став дека спорот треба да го решат Македонија и Грција без инволвирање на меѓународниот фактор соопшти дека „резултатите од референдумот веднаш беа поздравени од лидерите на ЕУ и НАТО, како и од Вашингтон, кои се решени да го вклучат Скопје во НАТО и покрај спротивниот став на македонските граѓани“.
„Нашата принципиелна позиција останува непроменета: долгорочно решение може да биде најдено единствено од самите земји, без мешање однадвор; тоа мора да биде во рамките на законот и да има широка јавна поддршка. Преспанскиот договор јасно, не ги исполнува овие критериуми. Тој е спротивен на меѓународното право и на македонскиот Устав, што во неколку наврати го истакна македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, вклучително и од говорницата на Генералното собрание на ОН “, соопшти руското МНР.
Новиот руски амбасадор во Македонија, Сергеј Баздникин, пак во интервју изјави: „Ние веруваме дека многу македонски политички и општествени сили, вклучувајќи го и претседателот на Република Македонија, не го прифаќаат Договорот од Преспа и зборуваа против референдумот, бидејќи сметаат дека тоа е грубо кршење на Уставот и законот на земјата“.
И рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, бранејќи го ставот дека Русија не се меша во внатрешните работи на балканските држави токму со примерот на референдумот во Македонија, неодамна го обвини Запад за директна вклученост во пропагадната кампања и за мешање во внатрешните работи на Македонија, преку посетите на Скопје на бројни високи претставници од САД и ЕУ. Лавров го потенцираше и рускиот став дека е „лажна тезата оти Балканот треба да избира меѓу Западот и Русија“.
Но, официјална Москва, отворено и изразуваше поддршка на власта на ВМРО-ДПМНЕ и на тогашниот премиер Никола Груевски и често, најблаго речено, ја прекорува Владата на Зоран Заев, која ја има силната поддршка на НАТО и ЕУ, за својата политика на изнаоѓање заеднички јазик со соседите, пред се, со Грција и Бугарија.
Според претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани, со „непринципиелна политика и дипломатија“, Русија се обидува да води битка со ЕУ, НАТО и САД, преку мала земја како Македонија. Тој за скопската ТВ 21 изјави дека континуираните изјави на руските официјални лица се, за жал, „слични со некои групации, но и со дел од опозициските политички партии, а најмногу одговараат со изјавите на претседателот на државата, Иванов, што претставува флагрантно мешање во внатрешните работи на Македонија“.
Попречување на обидите за стабилизација на целиот регион, како договорите за доборососедство и соработка со Бугарија и за надминување на 27-годишниот спор со Грција околу името, од било која страна, е спротивно на стратешките интереси на мала земја како Македонија. Така што, дури и најавите во грчкиот печат дека Москва и со самата најава дека „преговорите меѓу Скопје и Атина треба да се разгледаат во Советот за безбедност на ОН“, остава можност и за вето на Преспанскиот договор, дополнително ја зголемуваат тензијата. Особено во период кога од двете страни на границата се очекува почеток на разврската… Со две третини од гласовите на пратениците во Собранието, или со нови парламентарни избори кои ги најави и премиерот Заев.
Неподелена поддршка на понатамошната имплементација на Договорот во македонскиот парламент, стигна и од бројни западни дипломатски претставници. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во заедничка порака ги охрабрија македонските политичари да ја преземат одговорноста и ја истакнаа историска можност за Македонија да се приклучи кон трансатлантската и европската заедница како еднаков член: „Сега сè е во рацете на политичарите во Скопје да одлучат за патот понатаму. Одлуките што ќе ги донесат во следните денови и недели ќе ја одредат судбината за нивната земја и нивниот народ за следните генерации. Ги охрабруваме да ја зграпчат оваа историска можност“.
Столтенберг најави и можност Македонија да добие членство во НАТО веќе на почетокот од следната година: „Ова е историска шанса. Ги повикувам сите политички лидери и партии да соработуваат конструктивно и одговорно, со цел да ја искористат истата“.
И посредникот на ОН во грчко-македонските разговори за името Метју Нимиц, изјави дека раководството и политичарите во Македонија ќе мора да донесат крупни одлуки за иднината на својата земја, бидејќи „оние кои се против и не гласаа не нудат друга алтернатива“. А шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, за грчките медиуми потенцираше дека „референдумот не е ниту услов, ниту правно барање за имплементација на Договорот од Преспа, туку е избор на Скопје“. Притоа, ја изрази својата увереност дека во случај на неуспех во обидот за парламентарно решение, Заев „во секој случај ќе ги добие следните избори“.
Но иако медиумите објавуваат и дека Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас се меѓу можните добитници на Нобеловата награда за мир, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, потенцира дека „неуспехот на референдумот е голем пораз на Заев и на неговата Влада и тој треба да се подготвува за заминување во трајна политичка пензија“, а Обединета македонска дијаспора поради „дебаклот на референдумот“, повикува на итна, неотповиклива оставка и на премиерот Заев, и на министерот за надворешни работи Никола Димитров.
И парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ на германската канцеларка Ангела Меркел ја повика сестринската партија ВМРО-ДПМНЕ да гласа во парламентот за уставните измени, согласно Договорот од Преспа, истакнувајќи ја нејзината политичка одговорност за евентуалното блокирање на евроатланскиот пат на Македонија и за можната изолација на земјата. Но, за понатамошните чекори на ВМРО-ДПМНЕ, која најави дека нема да преговара со власта околу обезбедување двотретинско мнозинство во парламентот за уставните измени, и опстојува на барањето за формирање техничка влада и анкетна комисија за референдумот, како и на избор на нов јавен обвинител на предлог на опозицијата, можеби ќе се знае повеќе по денешната седница на Извршниот, и утрешната седница на Централниот комитет на партијата.
Извор: Гласот на Америка