Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:
Ги слушам вмровците како ја критикуваат новата влада, дека не го измила мерцедесот кој си го купил нивниот лидер Никола Груевски со наши 600.000 евра за да се вози на настани каде што нема новинари. И ми текнува на една од славните изјави на Ѓорге Иванов дека „Македонската демократија е како космодиск – Изгледа шашаво, ама функционира“.
Е па, изгледа шашаво кога ВМРО-ДПМНЕ го критикува СДСМ дека не води сметка за народното добро, оти го прикажал испосран од чавки и изгребан од мачки мерцедесот што МВРО му го остави на МВР. Значи, СДСМ е виновна што не ја измила колата што била уникатна во југоисточна Европа за да може народот да ја види во сиот сјај. Вака, не личеше толку скапо. Навистина, ова е неодговорно однесување на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ се отепа од трошење на раскош, а ние не можеме објективно да оцениме каде ни отишле парите.
Е па, изгледа шашаво и кога ВМРО-ДПМНЕ со разочарување соопштува дека Македонија уште не е членка на ЕУ и НАТО. И очекува од СДСМ веднаш да ја внесе државата во ЕУ и НАТО. Оти, да имаше шанса ВМРО-ДПМНЕ некогаш да биде на власт, Македонија веќе ќе беше членка на ЕУ и НАТО.
Изгледа шашаво и кога ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ дека во студентските домови била исклучена струјата. А да беше ВМРО-ДПМНЕ на власт, сега веднаш ќе го платеше долгот на студентските домови што го направила претходната власт. Не за џабе Груевски правеше увид во машини за перење во „Гоце Делчев“ пред само два и пол месеца додека ВМРО-ДПМНЕ не беше на власт.
Ова се вика космодиск пропаганда. Звучи шашаво, ама функционира. Оти ВМРО-ДПМНЕ со оваа пропаганда му се обраќа само на своето гласачко тело. И на медиумите кои глумат балансираност. Инаку, како би се проширил така лесно терминот „СДС“, без „М“, ако главните медиуми, без никакво објаснување и без никаква одговорност, не го пренесуваат? Демек, така кажале во ВМРО-ДПМНЕ. Па уште и во наслов ги ставаат. Најлесно. Стави две точки. И цитирај. Пееме народно, пееме забавно. Балансирано.
Па утре, уште и оние подлизурковци што се согласија да глумат „народ“ за да им бидат алиби на насилниците од 27 април, ќе ги претстават како жртви на реваншизам. Сосе платената војска културњаци на поранешната министерка Бети ангажирани со нашите пари, во претставата „Тврдокорни за заедничка Македонија“. Па уште и ќе треба да ги жалиме. Балансирано.
Тоа е целта на космодиск пропагандата. Колку и да звучи шашаво и смешно – да функционира.
Не може СДС без М за само две недели да поправи сè што СДСМ растурала изминативе 11 години додека била на власт.