„Кланица“ на пропагандната десница

Нивото на разочараност и патетичен траор со кој неколку дузини долгогодишни коментатори и пропагандисти на дострелите на Груевски сега го оплакуваат изборниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ, мене, да признам, ми претставува одредено изненадување. Цела серија од нив ја исмеваат глупоста на „сопствениот народ“ заради начинот на кој гласал (или не гласал); се расправаат и се озборуваат меѓусебно за тоа кој што рекол/напишал/изјавил „на времето“, ама нив никој не ги слушал; здушно го пцујат Мицкоски (а и многу од новопечените пратеници на ВМРО) во различен обем и со растечки интензитет заради „грешките“ што ги направил; сега, отпосле, самите тврдат дека изборната кампања на ВМРО била катастрофална, иако колективно беа ентузијастички дел од таа валкана ехо-комора; конечно, и сега не можат да ја скријат длабоката омраза кон „ликот и делото“ на Заев, ама „низ заби“ му признаваат дека ги „надиграл“…

А колку само надежи, пари и пропагандна енергија вложија во мизеријата со „Рекет“, на пример; па и тоа не им помина.

За утеха во постизборниот мамурлак, една селекција од нив му се воодушевуваат на малиот национал-социјалист за влезот во овој состав на Собранието, препорачувајќи го како нов модел за уште подесна, похистерична политичка платформа за борба против центарот, левицата и Албанците во Македонија.

Некои, пак, од овие ликови најавуваат дека, разочарани, заминуваат во политичко-пропагандна пензија, иако е упатно до крај да не им се верува на таа доблесна намера, бидејќи веројатно ќе продолжат да бидат исти гнаси какви што ги знаеме, штом ќе им помине лутината.

Од ваквата карактерна „кланица“ на пропагандната десница – до изборите ексклузивно резервирана за политичките опоненти – може да се заклучи дека тие, навистина, верувале, длабоко во себе, во најавите и „гаранциите“ за „голема победа“ на ВМРО-ДПМНЕ на изборите?! И дека со Преспанскиот договор е готово, дека ќе апсат утрото по изборите, дека во првите три месеци на власт ќе го променат Уставот, а и дека државните ресурси ќе им се стават повторно на неограничено располагање, после триесетина месеци „неправеден пост“ со седење во опозиција?! И дека резултатите изборни мора да се фалсификувани од „предавникот“ Оливер Деркоски, бидејќи предизборната „атмосфера“ на Фејсбук била толку хистерично во нивна полза…

Неколкумина од нив, „посилни од судбината“, кои имаат поголем политички и криминален опит (а и кривично-правна тежина), сега заговараат и дека не е толку страшно Мицкоски да го прифати барањето на Ахмети за „премиер Албанец“, односно дека смислата на занимавањето со политика (и со криминалот) е да се биде на власт, без разлика на цената, бидејќи идеалите се резервирани за будалите, а животот е секојдневна премиера, без профит во репризите.

Занимливо, десничарскава коментаторска „тиква“ пукна по сите шевови уште пред сериозно и да се разговара за составот на новата влада. Дополнително ги „олади“ Заев со заминувањето на еднонеделен одмор, без никаков респект за постизборниот кошмар во кој тие живеат. Срам да му е!

Од друга страна, не се тие сосема во криво: после огромниот домашен и меѓународен напор за постигнување историски напредок во евро-атлантската агенда на Македонија, со значителни позитивни регионални реперкусии, и со победата на СДСМ на изборите, постои секоја причина целиот пропаганден хоризонт на десницата да е во депресија околу прогнозата за тоа кој ќе го предводи формирањето на следната македонска влада.

Тепано магаре се тие, знаат што следува.

Сашо Орданоски за ЦивилМедиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e