Името мора да се реши

Бидејки времето врви побргу отколку што догорува последната цигара на осудениот на смрт, ред е да се кажат некои работи што обично не ги гледаме или гледаме да ги префрлиме на темната страна на нашата карактерна месечина.
1. Заев и неговата екипа немаат мандат да не најдат решение за проблемот со името.

2. Ако не го решат ќе влезат во чинот на велепредавството, не во статусот на заштитници на националните интерси, на идентитетот, достоинството и името.

3. Станува збор за избор меѓу Европа како цивилизациски, политички и културен контекст, во кој по дефиниција се симнува од дневен ред класичната проблематика на таканареченото македонско прашање, а со тоа и на македонската држави и на македонската нација, по цена на уставното име, техничко прашање од кое домашните идиоти и хохштаплери, направија мета наратив на националното самоубиство.

4. Друга работа, се разбира, се техничките аспекти на решавањето, институционалниот филтер низ кој ќе помине решението, при што е клучно да нема референдум, или нивото на “достоинството” во самото решение, прашањето на гаранциите итн. но ништо повеќе од тоа.

5. Екипата на Заев нема мандат и да го пролонгира решавањето на проблемот преку мерката која е утврдена и во неговата премиерска лиценца и во договорите со стратегиските партнери на Македонија.

6. Драмата на Македонија е последица на нерешавањето на проблемот со името, ние имаме емпириски докази во врска со тоа, со тоа што она што досега ни се случуваше ќе биде песма лета спрема она што не очекува ако решиме да останеме достоинствени.

7. Не треба да се заборави дека проблемот не е само македонско прашање, тоа е и регионално и има сериозен геополитички набој и не случајно од повеќе важни инстанци е речено дека сега е време да се симне од дневен ред, а од некои дури и дека мора!

8. Се разбира дека власта и клиентелата на балканската кал, корупција и беспримерно богатење врз базата на пљачкарска копродукција, ќе најдат безброј оправдувања за неуспехот на преговорите, ако до тоа дојде, но треба да знаат дека историјата ќе ги отфрли тие тралалајки, а ќе ги отфрлиме и ние.

9. Време е за изострување на одговорноста и за преземање на сите неопходни ризици. Нема цена која не може или не смее да се плати за решение на проблемот затоа што таа цена секогаш ќе биде драматично пониска од цената на нерешавањето.

10. Во таа смисла Заев, Димитров, Османи и другите ја имат сета подршка на јавноста на која, и покрај се, и успеа да остане, колку толку, нормална.

Бранко Тричковски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e