Груевски во „макази“

Во поновото време е полно со примери на мега-корумпирани политичари кои избегале од нивните земји со огромен грабеж, но многумина од нив завршиле неславно и лошо. Груевски е ситна риба за нив.

Претседателот на Република Конго (подоцна Заир), Мобуту Сесе Секо владеел цели триесет години на ептен суров начин (владеел од 1965 до 1997 година). Криминалот го маскирал со голем „патриотизам“. Сите неистомисленици ги прогласил за внатрешни и надворешни непријатели и предавници, а голем дел од нив ги ликвидирал. Проневерил дури над 15 милјарди долари, додека децата масовно умирале од болести и глад. Во Франција си купил најскапа вила и голем имот во вредност од 260 милиони долари. Но, по долгогодишното крваво востание избегал во Мароко каде што за кратко време умрел. Се претпоставува дека го труеле агенти од новата заирска власт.

Филипинскиот диктатор Фердинант Маркос (владеел меѓу 1965-1986), како „патриот“ користел повеќе дебели банковни сметки по офшор државите. Парите најмногу ги стекнал со насилно преземање туѓи фирми и рекетирања. Кога на сцена се појавил Бенино Акињо како млад опозиционен политичар кој многу брзо се стекнал со слава, Маркос наредил да го убијат на суров начин. Алчноста на неговата фамилија отишла до таму, што неговата жена наредила да се убијат десетина илјади птици за да од секоја изгината птица земе по еден пердув како би симнаправила уникатен фустан. Истата порачала специјални кондури накитени со дијаманти коишто чинеле над триесет милиони долари. А во земјата околу милион напуштени деца живееле гладни по шумски колиби. Бил симнат од власт со помош на масовни насилни демонстрации бегајќи на Хаваи, каде наскоро умира од досега необјаснети околности. Се претпоставува дека и тој бил отруен.

Перуанскиот диктатор Алберто Фуџимори (владеел меѓу 1990-2000), дошол на власт како многу омилен и надежен политичар, кој на почетокот имал добри успеси особено на економски план. Се помирил дури и со про-маоистичкото силно востаничко движење. По три години извршил внатрешен државен удар и целата власт ја концентирал во свои раце. Организирал киднапирања и убивства на политички опоненти и непослушници, бизнисмени и новинари. По неговото соборување избегал во Јапонија, па од таму во Чиле. Но, чилеанските власти го екстрадирале во Перу каде што бил осуден на 25 години затвор за мегакриминал.

Нигериja, земја богата со нафта, но со голема сиромаштија поради континуирана масовна корупција.Земјата била разорена од трајни немири и терори, првенствено од нападите на Бока харам, па сметале дека треба биде водена од цврста рака, а тој ти бил генерал Сани Абача. Тој првите три години покажал видни резултати на сите полиња, но потоа корупцијата ги надминала сите поранешни рекорди. Никој не знае точно колку пари проневерил „патриотот“ Абача. Како пример може да служи тоа што по неговото ликвидирање во неговата вила „Абуџа“, американските правосудни органи ја известиле Нигерије дека на една сметка на Абача во САД биле најдени дури 458 милиони долари, веројатно заборавени!

Се смета дека најкорумпиран водач на 20-от век бил индонезискиот долгогодишен претседател Мохамед Сухарто. Владеел од 1967 до 1998 година и проневерил над 30 милјарди долари. Таквото богатство го стенал со рентање на голем број компании и фондации. Но, во 1998 година поради долготрајни насилни протести поднел оставка. Дел од парите му биле најдени и земени. Дури по 10 години биле пронајдени околу 30 милиони долари на сметка на неговата фондација, исто веројатно заборавени.

Неславно завршија и многу други диктатори мафијаши, кои кариерата ја започнале како патриоти и идеалисти, а ја завршиле како големи криминалци. Такви се – канибалистот Жан Бокасо, незаситениот Садам Хусеин, умноболниот Иди Амин, мафијашот Жан Клод и многу други. Сите тие завршија неславно, па и трагично.

Ви се познати зборовите – патриот, предавник, скапи работи, луксузи, рекети, преземање на фирми, убивства на новинари… итн? Нашиот Груевски од патриотски причини ќе лежел доживотно, ако треба за Македонија. Но се виде дека ти бил ептен голем патриот ама за големи пари. Срцето му е во Македонија оти за милјардите се работи. Неговото бегање колку што е штетно за правните и моралните принципи, толку е позитивно како ептен скапо платена наша школа. Тука можевме маченик да направиме од него. Вака долгорочно го погреба вмроскиот лажен патриотизам. Му дојде крајот на злосторничкото организирање камуфлирано во високи национални интереси. Нема веќе успешни приказни за такви лажни, а во исто време ептен штетни идеологии. Нема веќе закани за дестабилизации. Јавноста ќе се пацифизира, што ќе овозможи полесно да си поминат промените и сеофатните реформи толку потребни за нас самите. Нема веќе колективизирање врз глупави и штетни идеологии и проекти со цел дефокусирање. ВМРО ќе мора да се прочисти или ќе исчезне, а тоа е многу тешко со оваа структура која функционираше со душата на Груевски. Сите сега знаат дека кај почесниот лидер немало ни микрон чесност. И сега вмровците во знак на протест нема веќе да протестираат. Ќе треба да се откажат од неговата логика дека нашето зло е подобро од нивното добро. Направи држава каде што никој веќе не бил безбеден освен разбојниците. Направи крчма од која само трезните се исфрлуваа. И по кој знае кој пат се докажа дека ако народот бега од државата, многу брзо ќе треба да бегаат и нејзините водачи. Тоа е поука и за многу сегменти на сегашната власт, кои некако тешко се ослободуваат од чувството на комодитет.

Груевски е влезен во „маказите“ на големите играчи, па не се исклучува можноста да плати дебела цена. Ако евентуално неговиот пријател Орбан му каже дека скапо ми е да ти дадам азил, што и да направи тој е во голема невоља. Во Русија постојат посебни организирани мафијашки групи кои се специјализирани за да им ги земат парите на таквите богати бегалци. Турција која сега размислува на каде да сврти не гарантира долгорочна сигурност. Кај и да отиде ќе му биде полошо отколку во Шутка. Па дури и да добие азил, Орбан нема вечно да владее. Оттука мислењата од типот дека Груевки од надвор ќе го руши Заев тука внатре се дадени под моментална импресија и немаат никакво значење. Напротив, да останеше тука во затвор од него ќе се направеше херој.

Сега ќе ни треба прочистување, дури и на МАНУ, на која и се менува бојата на образот, меѓу другото бидејќи во фамозната Енциклопедија Груевски го наведоа како „државник“.

Мерсел Биљали

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e