Горан Михајловски: Колекциски мерцедес

Еј, ве гледам многу сте се опуштиле. И некако прерано се радувате…

За неполни пет месеци ќе има локални избори. А Никола Груевски изјавува дека е решен да победи. И да се врати на власт. Не знам што има тука за радување.

Фино ова нова влада, нови министри, нови директори, ЕУ, НАТО, поздрави и честитки… И фино е тоа што Груевски и во Брисел им кажал дека ќе биде конструктивна опозиција. Ама ВМРО-ДПМНЕ во Собрание не прави пратеничка група.  Што значи дека толку ќе биде конструктивна опозиција што ќе блокира сè и сешто, со сите 51 поединечни гласови на пратениците со кои располага. Ќе направи сè да не профункционира Собранието. Прибе доаѓа со задачи за тешки реформи, а вмровците за породилното ќе наметнуваат расправа. Ние не знаеме дали УБК сè уште нелегално нè прислушува, а пратениците на Груевски ќе ни продаваат демократија и конструктивност со реплики, контрареплики и процедурални забелешки…

Затоа, дај побрзо пополнете ги тоа тефтерчињата со желби за фаќање позиции по кабинетите. Штиклирајте, заокружувајте имиња, правете што ќе правите и фатете се за работа.  Оти Груевски вети дека ќе се врати. Извинете, вие што се смеете, ама мене тоа не ми е смешно. Верувам дека тој посветено работи на тоа да се врати на власт. А гледаме дека ВМРО-ДПМНЕ има и сила и пари за тоа да го оствари.

Впрочем, Груевски секогаш најавувал што ќе прави. И си работи по план. Затоа и по сите зулуми што ги чувме во бомбите, требаше да поминат речиси три години да падне од власт. И затоа 450.000 луѓе и по сè што слушнаа, гласаа за него.

Туку, вие што му се смеете, имате ли план како да го спречите да се врати на власт?

Премногу е рано да се плашиме дека заевизмот ќе го замени груевизмот. Ама, на пет месеци пред локални избори, и тоа како има опасност да се врати груевизмот, и тоа со Груевски на чело.

2Се отвори дебата што да се прави со спомениците од Скопје 2014 и со оградата околу Владата. Лично, мислам дека сè додека децата ги лечиме со смс пораки, во најмала рака е несоодветно да решаваме дали да трошиме за чоколадо или за леб.

Ама, кога веќе се отвара муабетот што да се прави со спомениците, верувам дека има и покреативни идеи во кои ќе дојде до израз општествената одговорност на уметниците, на архитектите и на градежните компании што ги трошеа народните пари за да го изградат Скопје 2014.

Како нема пари? Па нека платат скулпторите. Нели од парите од хонорарите за нивните споменици донираа други нивни споменици. Штом донирале за поставување, можат да донираат и за преместување. Како се фалеа и градежните компании дека донираат? Како што донираа за разни кранови, градежни машини, автобуси, камиони, авиони за носење гласачи на избори, сега нека донираат и за дислокација на спомениците. Можеби не можеле да му кажат „Не“ на Груевски, ама еве им шанса сега да покажат со нова донација дека можат да го ослободат Скопје од „Скопје 2014“. Оти, нели тогаш морале. Еве, сега нека сакаат.

Впрочем, нели премиерот Зоран Заев вети дека на Триумфалната капија ќе стави бројчаник што ќе брои како ќе се враќаат украдените пари. Како што ќе се зголемува бројката на семафорот, по еден споменик – „Ајт со здравје“, како што би рекла Гордана Јанкуловска. Ама – не со наши пари.

Целата колумна на Горан Михајловски за порталот Сакам да кажам прочитајте ја тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e