Да се биде Владо

И небото плаче кога од овој свет заминува некоја топла и благородна душа, веруваат повозрасните, во моменти кога реки од солзи, една од горе, од височините, друга од долу, од човековата душа, се спојуваат во една тажна буица, на нечие последно испраќање.

Не знам дали споделената тага со небесните солзи е од нас измислена и прифатена утеха, за помалку да боли кога ќе доживееме загуба на блиска и почитувана личност. Но, знам дека небото навистина се истури во моментот кога стигна тажната вест – дека заминал Владо.

Се сеќавам, беше ист таков дождлив ден, на крајот од април 2012 година, кога со голема возбуда го чекавме Владимир Георгиевски во редакцијата на неделникот „Граѓански“, чијшто прв број тие денови беше во подготовка. Подарок за сите наши читатели требаше да биде негово дело, како и честа и задоволството првото интервју да го имаме со него.

Човекот кој велеше „да се биде значи да се твори“, остави дела по кои ќе го има – неминливо, трајно.

Тивко влезе во редакцијата, додека ние со нескротлива љубопитност зјапавме во хартиите што ги држеше во рацете, ишарани со траги од сликарски бои, небаре претворени во професионален и животен жиг, утврдена ДНК на неговиот творечки дух. Со блага насмевка, со скромност каква што им прилега на големите луѓе, и со едноставност каква што ги краси раскошните творци, тивко изусти: „Еве…“

Ја тргна заштитната харија, а во сивилото на денот пред нас блесна прекрасното дело „Свети Ѓорѓија ја убива ламјата“. По неколку дена, на почетокот од мај, неговото дело веќе стигна во рацете на сите читатели на првиот број на „Граѓански“.

„Убавината ќе го спаси светот“, ја повторуваше Владо познатата сентенца, уверен дека доброто ќе го победи злото, дека Свети Ѓорѓија ќе ја убие ламјата колкава и да е, каде и да е.

Создаваше уметност и ја споделуваше. Не беше од оние кои преферираа уметност затворена во еснафски оази и елитни кругови. Таа опција и тематски беше отфрлена, бидејќи Владо ги раскажуваше страдањата на луѓето, нивните емоции, плач, голготи, оплакување, распетија… Меѓникот, од кој го дефинираше правецот на неговата животна и сликарска филозофија беше прашањето „да се биде или да се има“.

Владо целиот живот го посвети на „да се биде“. Наместо „да се има“, да се робува и алчно да се цели кон материјалното, тој и вербално и сликарски беседеше дека е најважно „да се биде“, затоа што тоа значи да се твори, да се креира и несомнено – да се страда.

„Да се биде творечка личност, значи да се оди по голготата на сопствено распетие“ – така зборуваше, така живееше и така твореше Владо.

Во овој дождлив и тмурен мај, тој го дооди својот пат, но остави богата творечка ризница. Човекот кој велеше „да се биде значи да се твори“, остави дела по кои ќе го има – неминливо, трајно. Останува жива неговата уметничка магија, повеќеслојна, длабока и мудра, чиишто траектории досегаа до Рим, Истанбул, Виена, Белград, Киев, Софија, Санкт Петербург и неброени дестинации кои ширум ѝ ги отворија вратите. И тие остануваат отворени.

Претходната година здравјето му беше нарушено, па се израдував кога пред неколку месеци го видов како гостин во „Топ тема“. Си реков, добро е, поминала голготата. Сега знам дека не му било ни полесно, ни подобро. Туку дека едноставно не сакал да застане. Наспроти сѐ, решил докрај да се даде себеси, да се вложи во уште една активност, без разлика дали вербална или творечка. До крај ги одржа и зборот и потегот.

Почивај во мир, голем уметнику и уште поголем човеку.

Катерина Блажевска

Извор: Призма

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e