25 милиони

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Горан Михајловски за СДК:

-Пратениците си зедоа 10 дена одмор. Песимистите би рекле – којзнае што нѐ чека штом толку треба да одмараат. Оптимистите би рекле – значи не е нож до коска.

Па и не е. Еве, се гледа крајот на уставните измени што треба да ја тргнат 27-годишната блокада кон НАТО и ЕУ. И ако бидеме реални – очигледно толку можеме. Во држава во која дури и новогодишната програма на јавниот сервис е приватен проект спонзориран од ЕУ, очигледно е дека невозможна мисија е во исто време ем да се истераат уставните измени, ем да се завршат најважните реформи што стварно ќе го донесат животот, ем да функционира системот на државата. Толку ни е капацитетот. И на власта. А и на нас како граѓани. Оти, стара вистина е какви граѓани – таква власт.

Впрочем и премиерот Зоран Заев, пред референдумот на 30 септември, пред бизнисмените рече дека ни треба камшикар да нѐ среди. А пред скоро два месеца, во ТВ интервју во емисијата 360 степени, отворено си кажа дека поради главниот приоритет да се осигура влезот во НАТО, не може ништо друго да се сработи, оти толку можеме.

Песимистот ќе рече: Не нѐ бива и толку од државата. Оптимистот ќе рече: Тоа што не нѐ бива сите работи одеднаш да ги завршиме, не значи дека треба да се откажеме да ги правиме работите една по една.

Сите оправдувања за неработа, мрзеливост, неспособност или неуспех беа врзувани со исчекување на резултатите од референдумот. Сега, сите оправдувања за амнестијата за нападот на Собранието на 27 април, намалените казни за злоупотреби на службената положба, куќните притвори за случаите на СЈО, огласите за нови вработувања во јавната администрација се врзани со исчекување на гласањето за уставните измени.

Туку, кај сме чекале 27 години, да почекаме уште една-две недели. Оти, дали навистина оваа власт е кадарна да донесе живот ќе судиме дури откако ќе се фатат за работа, кога ќе немаат оправдувања од геостратешко значење, како што е влезот во НАТО.

Ете им прва шанса да видиме дали навистина можат да донесат живот. Ама – живот за сите. Не само за своите. На пример, каде ќе одат 25-те милиони евра од зголемените даноци со кои се отепа од фалење министерот за финансии Драган Тевдовски, претставувајќи го досега најголемиот Буџет во историјата на Република Македонија. Колку од тие пари ќе одат за платите на заменик-директорите кои Собранието ги изгласа експресно пред нова година, надвор од сите други приоритетни реформски закони што камшикарите ги бараат од нас. Од реформата на јавната администрација само тоа е извесно. Дека сите јавни претпријатија ќе имаат заменик-директори и дека оние 1.600 вработени во администрацијата што не одат на работа и кои министерот Дамјан Манчевски три пати ги молеше да почнат да доаѓаат, и оваа година ќе продолжи да ги моли.

Колумнтата на Горан Михајловски во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e