(Видео) Македонија заслужи бод, но остана со празни раце и промашен пенал во судиското надополнување

Македонската фудбалска репрезентација ја продолжи атрактивната игра од првиот квалификациски меч со Албанија, но како и во Скадар, за жал и вечерва во Скопје немавме среќа и на крајот со нереализиран пенал во судиското продолжение загубивме од Израел со 1:2.

Адис Јаховиќ ја презема одговорноста и одлучи да го изведе пеналот кој го изнуди феноменалниот Илија Несторовски, но напаѓачот на Гезтепе едноставно беше прочитан од противничкиот голман Гореш кој на крајот испадна херој за победата на гостите и освоените три бода на „Филип Втори“. Израелецот се фрли на вистинската страна и немаше проблем да го одбрани недоволно квалитетниот удар на Јаховиќ, фудбалер кој влезе во игра во 76-та минута од натпреварот заменувајќи го капитенот Горан Пандев.

Претходно, Македонија успеа да се врати во игра на мечот благодарение на разиграниот Несторовски кој добрата форма во калчолигата ја прикажа и оваа вечер со гол во 63-та минута, но навистина разочарувачки е фактот што истиот се покажа како единствен и недоволен за неутрализирање на двата гола кои ги постигнаа Изралеците во првото полувреме преку Хемед и Бен Хаим.

Реалната слика од овој меч повторно е таа дека нашите репрезентативци одиграа атрактивен, напаѓачки и допадлив фудбал, но мора да се истакне дека неискористените шанси при резултат 0:0 на крајот и тоа како скапо ги платија нашите репрезентативци кои одново со наведнати глави мораа да ја напуштат националната арена.

За Македонија ова е втор пораз на вториот натпервар во квалификациите за Светското првенство во Русија, а следен испит за избраниците на Игор Ангеловски ќе биде селекцијата на Италија која в недела ќе гостува во Скопје по денешното реми со Шпанија во големото дерби (1:1).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e