(Видео) Македонија повторно загуби несреќно: Италија се провлече во Скопје

Македонската фудбалска репрезентација одигра одличен натпревар против фаворизираната Италија, но остана со празни раце во дуелот од квалификациите за СП во Русија кој во Скопје заврши со резултат 2:3.
Избраниците на селекторот Ангеловски имаа негатива, направија целосен пресврт, за драмата да биде комплетирана со гол за победа на „аѕурите“ во судиското продолжение.

Македонија слично како и против Израел почна одлично и првата голема шанса ја имавме преку Несторовски кој ја погоди гредата од голот на Буфон, но Италијанците имаа среќа и резултатот остана непроменет. По уште неколку неуспешни обиди да го загрозиме голот преку Алиоски и Несторовски, казната стигна во 24. минута кога Белоти го искористи невниманието на Спировски и ги доведе „аѕурите“ во водство од 1:0.

Тој резултат беше активен до 57. минута кога Несторовски ја продолжи гол серијата и со убав погодок успеа да донесе израмнување за Македонија. Само две минути подоцна, Хасани на сличен начин го совлада Буфон за целосен пресврт и голем шок за фаворизираните гости кои дозволија избраниците на Игор Ангеловски да стигнат до неочекувана предност.

Во продолжение Мојсов имаше голема шанса, но Буфон одбрани, Несторовски се повреди и ја напушти играта, а притисокот на Италијанците резултираше со погодок на Имобиле во 75. минута кога по асистенција на Кандрева тој го израмни резултатот на 2:2.

Последните десетина минути ги одигравме подефанзивно, гостите се обидуваа да направат пресврт, а во неколку ситуации добро реагираше нашата одбрана и голманот Богатинов, но така не беше во 91. минута кога Имобиле со вториот гол ги постави конечните 2:3 и повторно не остави без заслужен бод во квалификациите за СП во Русија.

За нашата репрезентација ова е трет пораз на третиот натпревар во овие квалификации, а втор натпревар кој го губиме со погодок во судиското продолжение.

Џиџи Буфон уште пред натпреварот предупредуваше дека на неговата репрезентација нема да и биде лесно да триумфира во Скопје, а на натпреварот со Македонија дури два пати мораше да ја вади топката од својата мрежа.

– Ова беше навистина чуден натпревар. Поведовме, но не ја контролиравме ситуацијата, па му дозволивме на противникот да направи многу шанси, а тоа е нешто што вообичаено не го правиме. Факт е дека игравме со срце и дававме максимум, па понекогаш тоа ви дава подобар резултат од она што го заслужувате. Селекторот се обидува да ни помогне со својата концепција, но понекогаш на терен тешко се изведува она што на хартија изгледа лесно, – изјавил Буфон веднаш по победата на Италија во Скопје.

 

Извор: Дерби

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e