Актерката Весна Петрушевска започнува нова граѓанска иницијатива преку петиција со која бара воведување на законски измени насочени кон поголема безбедност на децата на интернет, како и посериозен институционален пристап кон врсничкото насилство.
Во својата објава со која ја најави петицијата, таа истакнува дека целта е да се соберат 10,000 потписи, нагласувајќи дека не станува збор за финансиска поддршка, туку исклучиво за јавна поддршка преку потпис.
Петрушевска ја покренува иницијативата како реакција на, како што наведува, сè почестите случаи на врсничко насилство, но и влијанието на социјалните мрежи кои дополнително ја засилуваат агресијата кај младите. Таа посочува дека дигиталното насилство станува секојдневен проблем кој ги остава децата без доволна заштита и без навремена институционална реакција.
Во текстот на петицијата се наведува дека „ова не е само личен глас, туку повик за заштита на децата“, при што се бара обединување околу идеи за побезбеден интернет, како и воведување на кривична одговорност во случаи на врсничко насилство.
Петрушевска во иницијативата се повикува и на примери од други земји кои веќе воведуваат построги правила за користење на социјалните мрежи од страна на малолетници, меѓу кои се споменуваат Австралија, Франција, Данска и делови од САД, каде се водат активни дебати и се носат различни законски решенија.
Таа дополнително нагласува дека петицијата не е поврзана со донации и дека единствената цел е собирање на потписи. Според неа, иницијативата треба да претставува сигнал до институциите и политичките чинители дека проблемот бара итна реакција.
Со оваа иницијатива се отвора поширока општествена дебата за тоа колку е ефикасен системот за заштита на децата во дигиталниот простор и дали постојните механизми се доволни за справување со онлајн врсничкото насилство, кое сè почесто има сериозни последици.
