Студија: Климатските промени имаат голема улога во ширењето на вирусот Западен Нил во Европа

Западнонилската треска е болест што ја пренесуваат комарци и која во ретки случаи доведува до енцефалитис или менингитис. Но, таа сега се шири низ Европа, како последица на климатските промени.

Вирусот Западен Нил е еден од новите вируси што ги пренесуваат комарци, од кој луѓето се заразуваат преку каснување од комарец. Самиот вирус го пренесуваат птици и комарци.

Комарците стануваат носители на вирусот кога каснуваат заразена птица. По кратко време, тие потоа можат да го пренесат вирусот на луѓе. Технички, луѓето се „епидемиолошки домаќин ќорсокак“ и не придонесуваат за понатамошно пренесување на болеста.

Ширењето на вирусот е поврзано со високи температури во текот на пролетта и летото, сушни летни периоди и топли зими. За разлика од короната, ова е вирус каде што климатските фактори се многу важни за потенцијални инфекции.

Оттаму, климатските промени кои донесоа топотни бранови и суши во Европа се сметаат за главен виновник за ширење на вирусот Западен Нил низ континентот.

Во Европа, вирусот првично го донеле птици преселници од Африка. Во моментов, е поприсутен во различни региони на Јужна и Централна Европа.
Вирусот циркулира во Европа од 50-тите години на минатиот век, но голема епидемија не е регистрирана сè до 1996 година во Романија, каде биле заразени 393 лица.

Псоедниве години секое лето се регистрираат случаи на заболени од Западнонилска треска во Јужна и Централна Европа, но случаи на инфицирани луѓе се пријавени и во Канада и САД.

Иако во моментов, главно црвени зони на болеста има во реонот на Медитеранот и на Балканот, сепак според експертите, сосема е можно во иднина таа да се прошири кон северните делови на Европа.

Колку вирусот Западен Нил е опасен за луѓето?
Инфекциите кај луѓето често поминуваат незабележано, но едно од четири заразени лица имаат главоболка, болки во мускулите, треска, осип на кожата и отечени лимфни јазли по период на инкубација од два до 14 дена. Повеќето луѓе целосно се опоравуваат од Западнонилската треска, но заморот понекогаш може да трае неколку недели или месеци.

Во ретки случаи (приближно еден процент), заразените лица развиваат сериозни состојби како што се енцефалитис или менингитис.

Тешката форма се јавува почесто кај повозрасните луѓе и таа може да биде фатална. Помеѓу 1999 и 2021 година, САД пријавија повеќе од 55.000 случаи, од кои повеќе од половина довеле до невролошки нарушувања, а приближно 2.500 резултираа со смрт. Фактот што овие бројки се толку високи веројатно се должи на тоа што извештаите се поднесуваат само за тешки симптоми.

Не постои специфичен третман за инфекцијата од Западен Нил, како ни вакцина, па симптомите се третираат со лекови против болки.

Каква улога играат климатските промени во ширењето на вирусот?
Повеќето експерти се согласуваат дека ширењето на вирусот Западен Нил во Европа е поврзано со климатските промени. Тоа е наведено во една европска студија од пред две години за која биле користени нови методи на анализа засновани на географска дистрибуција при собирањето податоци за истражување.

„Досега недостасуваше формалното воспоставување врска помеѓу ширењето на вирусот и климатските промени, но нашите резултати укажуваат на голема улога на климатските промени во проширувањет на вирусот во југоисточна Европа“, се наведува во студијата.

Резултати од истражувањето укажуваат дека драстичниот раст на бројот на луѓе изложени на ризик од инфицирање делумно се должи на зголемувањето на густината на н аселението, но климатските промени сепак остануваат клучен фактор за ширење на болеста.

„Тоа е лицето на климатските промени. Покрај растот на климатските екстреми и појавата на тропски болести во Европа е една од многуте логични последици од нашата зависност од нафта, јаглен и гас“, се вели во анализата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e