Славната манекенка починала од рак

По вчерашната вест за смртта на некогашната манекенка Татјана Патиц која почина на 56-годишна возраст, нејзината агентка Корин Николас потврди дека причината за смртта е рак на дојка.

„Ја надживеаја нејзиниот син, сестра и нејзините родители. Сите сме скршени од нејзината смрт. Беше емпатична душа со добро и великодушно срце и жесток застапник за правата на животните. Една од главните цели кои ги поддржуваше беше зачувување на дивите коњи“, споделила Корин во изјавата за списанието „People“.

Патиц, еден од супермоделите од славната петорка покрај Синди Крафорд, Наоми Кембел, Линда Еванџелиста и Кристи Тарлингтон, имаше големо влијание врз модната индустрија во доцните 80-ти и раните 90-ти години, што вклучуваше и појавување на насловните страници на некои од најлегендарните списанија.

Татјана учествуваше и во музички спотови од тоа време пред да се повлече од јавноста. Таа водеше мирен живот посветен на животните и одгледување на својот син Џона. Манекенката за последен пат прошета на модната писта на Модната недела во Милано во 2019 година.

Патиц е родена на 25 март 1966 година во Хамбург, а пораснала во Шведска. Таа ги сакаше сите животни, особено коњите и беше амбасадорка на американскиот резерват за диви коњи. За да го прослават нејзиниот живот и наследство, во нејзина чест е отворен фонд за донации „Return to Freedom“ за зачувување на дивите коњи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e