Каролина Флорес Гомез (27), поранешна победничка на избор на убавина, минатата недела била пронајдена мртва во својот луксузен стан во Мексико Сити. Гомез била застрелана во главата, а мексиканските власти соопштија дека истрагата е насочена кон нејзината свекрва, Ерика Марија.
Според пишувањето на мексиканските медиуми, обвинителството случајот го води како убиство. Се верува дека Гомез, која во 2017 година ја освои титулата „Miss Teen Universe“ во сојузната држава Долна Калифорнија, е убиена на 15 април. Во моментот на пукањето, полицијата наведува дека Каролина била во станот со сопругот Алехандро Гомез и со неговата мајка.
Она што предизвикува голем сомнеж кај истражителите е фактот што пукањето не било пријавено до следниот ден, 16 април. Се поставува прашањето зошто поминало толку многу време пред полицијата да биде известена, со оглед на тоа што во моментот на трагедијата во станот имало и други луѓе.
Гувернерката на Долна Калифорнија, Марина дел Пилар Авила, изјави дека истрагата за смртта на Каролина е приоритет.
„Ниту едно злосторство против жените не смее да помине неказнето. Нашите мисли се со нејзиното семејство во овие тешки моменти“, порача таа.
Трагичната смрт на мисицата, која само неколку дена пред убиството го прославила својот 27-ми роденден, предизвика голем револт во Мексико. Граѓанските организации бараат случајот да се преквалификува во фемицид, намерно убиство со родово заснована мотивација.
Семејството и пријателите на Каролина повикаа на мирен протест закажан за сабота, 25 април.
„Каролина има своја приказна, семејство и заслужува правда. Денес го креваме гласот за неа, за нејзиниот живот и за сè што ѝ беше одземено. Нека нејзиното име одекнува по улиците додека не се задоволи правдата“, стои во нивното соопштение.
Извор: slobodenpecat
