Почина Бранко Лустиг, хрватскиот продуцент кој го преживеа Аушвиц

Бранко Лустиг е единствениот Хрват кој има добиено два Оскара. Роден е во Осијек, како хрватски Евреин. Почина денес, 14 ноември, во Загреб, на своја 87-годишна возраст.

Во текот на Втората светска војна тој, се уште дете, бил затворен и во Аушвиц и во Берген-Белсен. Таму изгубил многу членови на своето семејство. Со својата мајка, која го преживеала холокаустот, повторно се сретнале по војната.

Својата продуцентска кариера ја започна во 1955 година во загребската „Јадран филм“. Во 1988 се преселил во САД.

Во 1993 го продуцираше „Шиндлеровата листа“, за кој доби и Оскар. Вториот Оскар го доби за „Гладијатор“. Други големи холивудски проекти на кои работел се „Миротворец“, „Ханибал“ и „Падот на црниот сокол“.

Во текот на својот живот доби бројни светски и европски признанија, меѓу кои и Редот на војводата Трпимир, кој му го предаде лично тогашниот претседател Фрањо Туѓман. Во 2008 година стана вториот уметнички работник, а прв филмски работник, кој доби почесен докторат од Универзитетот во Загреб. Прв кој го добил ова признание бил Владимир Назор.

Во 2011 година, тој го прослави својот бар мицава во Аушвиц, пред бараката 24а, каде и самиот бил затвореник.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e